Д-р Елена Етингер – Каваева, една од најзначајните личности во поновата историјата на градот, основач на детскиот диспанзер, познатата „Маларична” во Охрид, која во 1927 година ја подигнала заедно со нејзиниот сопруг Владо Каваев, нема спомен обележје или паметник кој новите генерации ќе ги потсетува на нејзиното хумано дело. Иако таа педесет години од својот живот како лекар ги посветила на спасување на животите на граѓаните на Охрид, нејзиното име тоне во заборав. Дотолку повеќе што доколку не се изнајде некакво решение, во иднина може да се случи нејзините останки од семејниот гроб да бидат пренесени во заедничка гробница, бидејќи нема наследници кои ќе ги подмират трошоците за одржување на вечното почивалиште.

-Бараме начин да дојдеме до наследниците или некој да прифати да се грижи за тоа гробно место. Без разлика дали има старател или не тековното одржување на гробното место го обавуваме.-вели директорот на ЈП Градски гробишта, Зоран Симоноски.

На градските гробишта во Охрид нема посебен простор каде се закопуваат заслужни граѓани, иако од јавното претпријатие велат дека размислувале за таквата идеја.

-Освен заедничка гробница на паднатите борци од НОБ, во моментов немаме таква гробница. Размисуваме на таа тема, но тука треба да се вклучи и МПЦ и кога ќе се постигне договор согласно закон и каноните на црквата ќе пристапиме кон реализација на една таква идеја.-изјави директорот Симоноски.

Симоноски посочи дека бројот на гробни места кои немаат старател е голем, и согласно постојните закони јавното претпријатие не може да врши административни или други измени. Според него, поради тоа што нема кој да ги подмирува трошоците за одржување на тие гробни места, единствено решение е дислоцирање на посмртните останки во заедничка гробница.

Останува да се надеваме и да веруваме дека во случајот до Д-р Елена Етингер Каваева ќе се изнајде соодветно решение, како и дека еден ден некоја охридска улица ќе го понесе нејзиното име и ќе биде поставена плочка со нејзиното име на „Маларичната“, како знак на благодарност и сеќавање за се што направила за Охрид. 

OhridNews