Дел од најавените гостите од Бугарија и Србија кои веќе пристигнале во Охрид за да ги прослават новогодишните празници, биле разочарани од неисчистените патишта во Македонија и тоа што биле принудени да чекаат со часови или да патуваат во небезбедни услови, информираат охридските хотелски работници.

-Голем дел од гостите кои пристигнаа вчера коментираа дека патувањето до Охрид наликува на патување до крајот на светот. Раскажуваа дека во Србија и во Бугарија има многу повеќе снег, а сепак патиштата се проодни и сообраќајот се одвива непречено. Тие беа зачудени како може патиштата во нашата држава да бидат толку блокирани, па дури и на места сосема непроодни, велат вработените во дел од охридските хотели.

Тие информираа дека и покрај снежното невреме и непроодните патиша најголемиот дел од индвидуалните гости кои патувале со автомобили веќе пристигнале, но сеуште критично било пристигнувањето на дел од гостите од Бугарија кои доаѓаат со автобуски организиран превоз.

-Поради забраната за товарни возила и автобуси преку превоите Буково, Стража и Пресека овие гости сеуште не се пристигнати. Имаме информација дека десетина автобуси од Бугарија кои се упатени кон Охрид се некаде по пат и се надеваме дека ќе успеат да пристигнат до вечерва во Охрид, информираат од охридските хотели.

Оттаму објаснуваат дека до сега евидентирале мал број на откажувања на резервациите поради непроодните патишта и се надеваат дека ќе ги исполнат капацитетите за новогодишните празници, како што беше најавено.

-Вчера пристигнаа околу 450 гости од највените, очекуваме уште 150 гости. До сега немавме откажувања на резервации и се надевеме дека ќе пристигнат сите најавени гости. И покрај тоа што оваа година со добрите понуди и цени привлековме голем број туристи, неподготвеноста на надлежните ни нанесе голема штета на комплетниот впечаток во организацијата на новогодишните празници, велат манаџерите на еден од поголемите хотели на Охридската ривиера.

Од СВР Охрид информираат дека туристичките автобуси не се пропуштаат преку превоите поради актуелната забрана за тешки товарни возила.

-На превојот Буково интензивно се работи на расчистување на патот со цел истиот да биде безбеден за сообраќај. Откако ќе биде безбеден овој превој и ќе биде симната забраната за движење на тешки товарни возила, ќе бидат пропуштени и туристичките автобуси кои патуваат кон Охрид, вели потпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски.

Од Здржението на хотелиери ХОТАМ коментираат дека актуелната состојба со непроодноста на патиштата негативно ќе се одрази на туристичкиот имиџ на Охрид, како најголем туристички центар во Македонија.

-Оваа година имаше многу голем интерес за новогодишните аранжмани од страна на гости до соседството и беа направени голем број резервации. Непроодноста на патиштата, долгото чекање и небезбедното патување во вакви услови на патиштата секако ќе резултира со незадоволни гости, а тоа е една лоша слика за нашите туристички потенцијали, велат од ХОТАМ.

Оттаму додаваат дека за добра туристичка слика на Охрид, освен сместувањето, услугата и цените голема улога играат и условите на патиштата и приодите кон градот.

Е.М