Охрид како привлечна туристичка дестинација наскоро ќе биде прикажан на турската НТВ телевизија откако викендов неколкучлена тамошна екипа сними репортажа во градов, информираат од Општина Охрид.

Гостите од Турција се запознаа со културно – историските знаменитости на Охрид и со вкусните охридски специјалитети. Во репортажата ќе бидат опфатени убавините на старото градско јадро со специфичните охридски занаети, копаничарство и охридскиот бисер, а ќе бидат прикажани и убавините на манастирскиот комплекс „Св. Наум“, велат во соопштението од Општина.

Пред екипата од новинари и камермани, се додава во соопштението, беше подготвено охридското ѓомлезе, а гостите беа запознаени и со начинот на лов на риба.

Турската екипа била и во посета на Скопје и Битола, а во Охрид биле во организација на македонскиот Конзулат во Истанбул во соработка со Општина Охрид.

OhridNews