Охрид е еден од седумте градови во земјава, каде во периодот од 18-ти овој месец до крајот на ноември, ќе се реализира едукативен ХАЕ караван.
Целта на оваа иницијатива е поинтензивно запознавање на лекарите од примарната здравствена заштита со цел препознање на ретката болест ХАЕ кај потенцијалните пациенти, како и начините на кои може да им се помогне на истите.
Предавањата ќе ги реализира проф. д-р Весна Гривчева – Пановска од Клиниката за дерматовенерологија и алергологија во Скопје, која долго време се интересира за ова ретко заболување и остварува професионален третман со пациентите заболени од ХАЕ во Македонија.
ХАЕ е ретка болест која што настанува заради недостиг на крвниот протеин Ц1 инхибитор и се манифестира со отекување на делови на телото. Овие отоци, доколку се јават на одредени витални органи (како на пример грло, лице, абдомен, дишни органи), може да доведат до живото-загрозувачки состојби.
Во Македонија за жал сеуште не е достапна ниту една од шесте терапии за ова заболување што се користат во земјите во Европа повеќе од 30 години, а се достапни и за пациентите во Словенија, Хрватска, Црна Гора, Грција и Бугарија. Заради манифестацијата на симптомите од болеста, можни се погрешни дијагнози, а со тоа и погрешен третман на заболувањето со што се загрозува дополнително здравјето на пациентите, а се оптеретуваат и медицинските установи со непотребни интервенции и трошоци.
OhridNews