Охрид има неверојатно големи туристички потенцијали, но за биде интересна светска дестинација мора уште да се развива и да ја прошири понудата во текот на целата година. Ова го порачаа инвеститорите, претствниците на туристички компании и туроператори од Германија на мини бизнис форумот што вчера се одржа во Охрид.



На форумот Туристичката комора на Македонија ја презентираше анализата на туризмот и можностите за инвестирање во оваа област. Како што истакна Вања Стевковска од „Таргет комунијациии“, компанија која ја изработи анализата на  туристичките можности во Македонија, на земјата и недостига соодветна презентација на сопствените можности и капацитети, без што ниту еден сериозен инвеститор не би сакал да вложи пари. Таа очекува дека со донесувањето на националната стратегија за развој на туризмот што треба да се случи наскоро, работите да се променат и конечно Македонија да ја подобри туристичката понуда која сега не е на посакуваното ниво.


Една од можностите за промоција на туристичките потенцијали се ваквите мини бизнис форуми, кажа заменик министерот за економија Методиј Хаџи – Васков. Според него Македонија особено треба да ги истакне големите можности за развој на алтернативниот, културниот и винскиот туризам, кои можат да бидат дел од една поширока регионална понуда, која би била интересна за странските туристи.


Според владиниот советник за економија, Виктор Мизо, процесот на привлекување на странски инвестиции е долгорочен. Иако светот е во економска криза, тој смета дека интересот на странските инвеститори за Македонија не е намален. Мизо очекува дека со завршување на економската криза и согледување на потенцијалите, странските инвеститори ќе почнат да вложуваат во Македонија, што реално би било остварливо за период од 5-10 години.

Ohridnews
фото: Васко Бујароски