Сега нема ниедна, но наскоро Охрид можеби ќе добие две марини. Првата ја вети државата, а ќе ја реализира Охридската капетанија во рамки на проектот за модернизација за градското пристаниште, кое во иднина треба да биде мултифукционално.
-Санацијата опфаќа спроведување на инфраструктира, вода, струја, канализација и изградба на еден крак кој ќе го заштити пристаништето од ветровите и наносите со што ќе придонесеме тоа да прерасне во украс на градот односно да врши функција на марина, изјави раководителот на Капетанијата на пристаништата Горан Устијаноски.
Изградба на марина најавува и локалната самоуправа. Предвидена локација е заливот во населбата Воска кај вливот на реката Грашница, на помалку од 2 километри од градското пристаниште каде марина сака да гради државата.
-На Охридското Езеро треба да има неколку марини, не само една. Ние планираме таму да ги префрлиме сите водени спортови, да има соодветни простории и хангари за чување на опремата, истакна градоначалникот на Охрид Александар Петрески.
Отворено прашање и натаму останува локацијата за вршење на технички преглед на суво на бродовите, за кое исто така, општината и државата имаат различни ставови. Капетанијата како решение го нуди армиското пристаниште во Радожда струшко, а општината смета дека тоа треба да биде марината која таа најави дека ќе ја гради во населбата Воска.