Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој деновиве објави оглас за користење на средства од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2014 година наменети за отварање на унифицирани и специјализирани продажни места за продажба на вино со потекло од Република Македонија.

Според објавениот оглас, вакви продавници се очекува да бидат отворени во Охрид, Берово, Кавадарци, Струмица, Прилеп, Битола, Крушево и во Скопје.

Право на користење на средствата имаат Правни лица регистрирани согласно Законот за трговски друштва, Законот за угостителство и кои ќе ги исполнат условите согласно Законот за трговија.

Финансиската поддршка ќе биде неповратна и ќе се исплаќа по принцип на ко-финансирање на завршени и исплатени инвестиции од страна на корисникот, во висина од 50% од направените трошоци за опремување на продавницата со исклучок на инвестициите за помошни и санитарни простории, но не повеќе од 1.500.000 денари. Исто така ќе се покрива и 50 отсто од надоместокот за закупнина, но не повеќе од 30.000 денари месечно, како и две  просечни  плати во дејноста за две лица вработени за продажба на вино во продавницата.

Повеќе информации околу овој Јавен оглас може да се најдат на веб-страницата на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

Крајниот рок за доставување на  барањата е 30-ти ноември 2014  година.