Вкупно 36.000 садници од видот виола или очиња ќе ги красат охридските јавни површини во текот на зимските месеци. Од ЈП „Охридски Комуналец“ информират дека моментално се засадуваат околу 10.000 садници од овој вид.

-Поволните есенски температури претставуваат идеален предуслов за започнување на активностите за засадување на овој вид саден материјал. Со цветното разубавување ќе бидат опфатени: градскиот парк, плоштадот, кружните сообраќајници, булевар „Туристичка“ и други зелени површини во градот, велат од Јавното претпријатие.

Оттаму додаваат дека во рамки на акцијата за расчистување на локални и регионални патишта на територијата на општина Охрид, се извршило и  расчистување на локалниот пат кај село Рача, на потегот од регионалниот пат Охрид-Св.Наум до крајбрежниот појас кај поранешен хотел Парк.

Во рамки на акцијата која се одвивала под налог на општинскиот комунален инспекторат биле отстранети гранки и друга жбунеста вегетација.

OhridNews