Со хепенинг “ЛЕТО 2009“ што ќе се одржи на 27ми јуни, сабота, на локалитетот Билјанини извори, Охрид ќе го означи почетокот на главната туристичка сезона.


Повод за огранизација на оваа манифестација е непостоењето на традиционален облик на одбележување на почетокот на туристичката сезона во Охрид, а целта е уште поголемо зајакнување на промотивните активноети пред почетокот на летниот шпиц. Ова беше истакнато на прес конференцијата на која претставниците на општината и Секторот за туризам и локален економски развој ги презентираа поединостите за манифестацијата што ја иницираше градоначалникот Петрески.


Манифестацијата ќе се одржи кај  Билјанини извори со цел да се промовира овој локалитет во едно пинакво светло, истакна Горан Мицкоски, советник во ЛЕР. Тој најави дека по завршување на официјалниот дел ќе започне слободна музичко сценска програма која на присутните ќе им овозможи дружење и размена на информации.

На манифестацијата учество ќе земат хотелиери, концесионери на плажи, занаетчии, производители на храна, кафетерии, дискотеки, ресторани, селски домаќинства, рурални заедници, на националниот парк, планинарски друштва, како и бројни гости меѓу кои ќе има владини претставници, политичари, јавни личности и членови на дипломатскиот кор. Пред присутните гости ќе бидат претставени езерскиот, културно – историскиот и духовниот туризам, урбаната понуда и руралниот туризам, како носечки сегменти на туристичката понуда на Охрид.

Ќе се обидеме да ја продадеме приказната за Охрид преку легендата за Билјанините извори, која е интересна за сите посетители, истакна, Ѓоко Апостолов, советник во ЛЕР. Такви приказни Охрид има многу и тие треба да ги раскажеме, додаде Апостолов. Во тој контекст тој истакна дека и туристичките работници треба да ја прошират својата понуда со интересни детали кои ќе бидат привлечни за туристите.

ЛЕТО 2009 ќе започне со изведба на легандарната “Билјана платно белеше“, по што ќе уследи автентична презентација на туристичката понуда на Охрид.

Ohridnews