Во Охрид најверојатно, догодина ќе започне изградбата на долго очекуваниот нов Здравствен дом. Од управата на Здравствениот дом во Охрид велат дека Проектот за изградба на новата зграда е готов уште пред година и пол, но поради тоа што за локацијата каде што е планирана изградбата, немало Детален урбанистички план, реализацијата на проектот беше постојано одложувана.


Поради тоа што постоеше ризик, Здравствениот дом да ги изгуби планираните средства за овој проект, доколку до крајот на оваа година не започнеше неговата реализација, Општината одлучи со итна постапка да донесе Локална урбанистичка документација за планираната локација. Од Општината велат дека оваа документација била усвоена на последната седница на Советот на Општина Охрид.

– Поради итноста за изградбата на нов Здравствен дом, за да не се изгубат планираните средства на Министерството, урбанистите на општината одлучија дека не мора да се брза со комплетно довршување на нацрт ДУП за Болничкиот комплекс. Според нив прифатливо решение за реализацијата на овој проект беше да се изготви соодветна Урбанистичка документација. Оваа документација беше доенесена на 9-тата седница на Советот, како последна точка од 17-те локални урбанистички документации.-вели Никола Манески, потпарол на Општина Охрид.


Никола Манески

Од Управата на Здравствениот дом во Охрид велат дека според проектот за изградба на новата зграда, Министерството за здравство, планира  да издвои 2 милиони и 230 илјади евра. Со усвојувањето на Урбанистичката документција, фактички е започната реализацијата на проектот. По добивањето на дозволата за градба , треба да распише тендер за изведувач на проектот. Тоа значи дека поради сите законски процедури, изградабата на новата зграда најверојатно ќе започне догодина.

– Според планираното во делот на Болничкиот комплекс ќе се изгради многу современ Здравствен дом. Во новата зграда, покрај амбулантите и диспанзерите од примарната здравствена заштита, ќе биде отворен и Ургентен Центар, кој е повеќе од потребен на Охрид. Тука ќе се згрижуваат сите итни случеви од Охридскиот регион. Според условите кои ќе ги нуди новата зграда, таа ќе биде една од најсовремените Здравствени установи од примарното здравство во Македонија. -вели д-р Митко Дабески, Директор на Здравствениот дом, Охрид.


Митко Дабески

Тој објаснува дека Охридскиот Здравствен дом многу години наназад  се соочуваше  со просторен проблем. Просториите односно бараките во кои моментално се сместени единиците од примарната здравствена заштита се во многу лоша состојба, а за дел од нив не е обезбеден соодветен пристап, затоа што се нааоѓаат во центарот на градот.
 
Локацијата на која што се планира израдбата на новата зграда е многу посоодветна од сегашната која се наоѓа  во центарот. Сметам дека  покрај тоа што персоналот ќе добие подобри услови за работа, во новиот објект ќе може да се се понудат и многу подобри услуги за пациентите -нагласува Дабески.


Од Општина Охрид се согласуваат дека реализацијата на овој проект е од големо значење за Охрид, затоа што со него ќе се реши еден од клучните проблеми во Централното градско подрачје. Со дислоцирање на Здравствениот дом од местото каде што сега се наоѓа таканаречената  Маларична болница, ќе се овозможи реализација на ДУП за Центарот на Охрид. Според урбанистичката документација  на тоа место се планира изградба на станбен комплекс.

Во 1999 година , тогашното Министертво за здравство изготвило  проект за изградба на Нов здравствен дом  во Охрид, на сегашната локација на ова установа, но проектот за изградба не бил усвоен  од тогашниот Совет на Општината.

Е.Е.