По 8-годишна битка со институциите, охридскиот Црвен краст благодарение на разбирањето на граѓани, конечно ќе формира Центар за безбедност на вода. Истиот ќе биде лоциран во Горица на приватен имот, кој неодамна им беше вратен на сопствениците со денационализација.
-Разочарани сме од односот на институциите, но за среќа наидовме на разбирање кај граѓани и конечно ќе се реализира идејата за формирање Центар за безбедност на вода, што ќе биде од огромна корист за охриѓани и туристите, изјави Сашо Точков, претседател на охридскиот Црвен крст.
Центарот за безбедност на вода ќе биде сместен на самиот брег на езерото, каде ќе се постави барака во која ќе биде сместен оперативниот центар кој ќе координира со сите активности на спасителите на вода и медицинските тимови. Од Црвен крст се надеваат дека во пресрет ќе им излезе некоја од компаниите за мобилна телефонија и ќе постави понтонски мост за да може да се опслужуваат спасителните чамци и бродот амбуланта, кој и покрај упатените барања се уште нема добиено локација во каналот Студенчишта.
-Се работи за класична незаинтересираност, апатија кај институциите. Луѓето се изгубиле во политичките функции и процедури и подзаборавиле на она што е најбитно – човечкиот живот. Осум години се соочуваме со проблеми и импровизации, но сега конечно ќе добиеме соодветен простор за спасувачки мисии на Охридското Езеро, додаде Точков.
Центарот за безбедност на вода ќе биде функционален од 1 јули.