Без победник 1-1 заврши “градежничкото“ дерби одиграно на „Билјанини извори“ помеѓу Охрид – Лоте и Влазними. Охридско – струшката пресметка која понуди интересен и содржаен натпревар беше четвртото реми одиграно во третото коло .
Охриѓани имаа повеќе од играта и креираа повеќе шанси, а најискусниот во редовите Пресилски ја имаше првата прилика но неговиот удар со глава не заврши во мрежата. Неколку минути подоцна истиот играч се закани од далечина но промена на резултатот немаше.
По половина час игра “белите“ се израдуваа на погодокот на Деловски по додавањето на Толески, но радоста траеше кратко откако првиот помошник рекламираше недозволена позиција.
Гостите кои беа повеќе беа ориентирани кон одбрана на својот гол, профитираа во финишот на првиот дел по невнимателноста на Мурџоски кој во сопствениот казнет простор го собори Емети. Сигурен реализатор на најстрогата казна беше Исаку.
Во вториот дел домаќините комплетно се префрлија на противничката половина. Најопасен беше капитенот Толески кој 56 минута беше запрен со одлична парада на Мерко, а во 63’ сојузник на струшкиот голман беше гредата.
Изедначувањето стигна на десет минути пред последниот судиски свиреж. Стрелец на погодокот кој ги спаси од пораз домаќините беше офанзивниот Трајкоски кој најдобро се снајде по центаршутот на Димоски.
По делбата на бодовите двете екипи остануваат непоразени по воведните рунди во шампионатот, Охрид Лоте е на второто место, додека Влазними на петтото.
М.П.
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com