Фудбалерите на Охрид Лоте не отпатуваа на гостувањето кај Локомотива. За охридскиот второлигаш ова е втор гостински меч во низа како неоправдано не играат, па според правилата на ФФМ, по административен пат ќе бидат префрлени во најнискиот ранг на натпреварување во Општинската фудбалска лига.


Пред две кола, “градежниците“ не успеаа да “соберат“ за да отпатуваат на мегдан во Битола кај Пелистер. Во наредното коло на домашен терен одиграа против Влазерими (0-1), што беше последниот меч во второлигашката конкуренција.

Охрид Лоте беше формиран пред три години и се фузираше со тогашниот третолигаш Борец од Вапила со што автоматски се здоби со право на настап во Третата лига Југозападен регион

По една сезона минатата во “регионот“ избраниците на Димитри Трифуноски – Србо успеаа да изборат влез во Втората лига. Но второлигашкиот излет, траеше кратко.


Не се остварија најавите за стабилен второлигаш, кој дури и би се замешал во трката за влез во елитата. По две сезони, клубот се соочи со најлошото, преселба во најнизок ранг по што во прашање е неговото понатамошно опстојување.

Официјалната потврда за дисквалификацијата се очекува деновиве да ја потврди и дисциплинската комисија на ФФМ.

М.П.