Намалување од 8,1 отсто на бројот на новозаразени од Ковид-19 минатата седмица во споредба со претходната, бележи Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) во неделниот извештај за состојбата со коронавирусот во земјава. Од 8 до 14 ноември од Ковид-19 заболеле 3.218 лица, што е за 286 помалку од периодот меѓу 1 и 7 ноември.

Во последните 7 дена заклучно со 14.11.2021 во Охрид се забележани 65 новозаразени лица, а во последните 14 дена 116 лица. Кумулативно, заклучно со 14 ноември Охрид се вбројува меѓу градовите со највисок морталитет заедно со Прилеп и Кавадарци, додека Струга заедно со Крушево и Дебар се забележуваат како градови со највисок леталитет, стои во извештајот од ИЈЗ. 

Охрид се бележи меѓу градовите со највисок опфат на вакцинација со две дози на лица над 12 годишна возраст, односно вакцинирани се 59,6 % од населението.

Случаи на COVID-19 се регистрирани во 35 градови низ државата. Најголем дел регистрирани во Скопје, Куманово и Тетово. Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи, а најзастапени се лицата над 60 години (4,6 проценти). Најмалку заболени се регистрирани кај возрасната група од 0-9 години (3,2 проценти). Според полот, 52,1 отсто од заболените се жени, а 47,9 машки.

Заклучно со 13.11.2021, вакцинирани се вкупно 822.736 лица со барем една доза на вакцина против COVID-19 во државата и странство. Комплетно вакцинирани (со две дози) се вкупно 789.106 лица, а со трета доза се вакцинирани 54.168 лица.

 

OhridNews