Според најновите податоци на Министерството за внатрешни работи, во првите девет месеци од годинава, во Македонија регистрирани биле 430 кривични дела извршени при семејно насилство, што претставува зголемување за 27,2% во однос на истиот период минатата година, кога биле евидентирани 338 случаи.

Како што информираат од МВР, анализата на добиените податоци покажала дека зголемувањето на кривичните дела најизразено е во реонот кој го опфаќа СВР Струмица каде се регистрирани 70 кривични дела, СВР Скопје со регистрирани 93, СВР Битола 92, по што следува Секторот за внатрешни работи Охрид со евидентирани 30 кривични дела, за седум повеќе споредено со минатата година.

За разлика од останатите сектори во земјава, каде годинава биле регистрирани  помал број прекршоци извршени помеѓу членови на потесното семејство, во СВР Охрид регистрирано е нивно зголемување, односно вкупно 45 прекршоци, за 17 повеќе од минатата година.

Според МВР, зголемениот број на пријавени кривични дела извршени при семејно насилство се должи на зачестените кампањи кои влијаеле на подигање на свеста на жртвите на семејно насилство. Како што оттаму се наведува, кривичните дела од овој вид се посоодветно  се санкционираат, а настаните кои претходните години се третирале како прекршоци против јавниот ред и мир, последниве години се квалификуваат  како дела сторени при семејно насилство.

OhridNews