Стапката на наталитет во Охрид е најниска, а на морталитет највисока во регионот. Овие загрижувачки податоци ги изнесе Центарот за јавно здравје, од каде укажуваат дека бројот на населението во општина Охрид континуирано се намалува во изминатите 10 години во просек за околу 100 жители годишно. Доколку не се преземат соодветни мерки градот наскоро може да се соочи со сериозни последици кои негативно ќе влијаат на неговиот економскии развој.

-Старееме. Старосната граница е поместена на 71 година за мажи 73 за жени, ние немаме млада популација, ние ќе немаме работоспособно население со тек на годините, ќе останеме на пензионери.-вели Д-р Слободанка Коцевска, специјалист по социјална медицина.

Анализата на здравствената состојба на населението за 2013 година, покажала алармнатно висока стапка на смртност на населението во Охрид како последица на кардиоваскуларни заболувања, на што отпаѓаат 70 отсто од случаите, по што следуваат малигните заболувања и болестите на метаболизмот.

– Најголем број на умрени и тоа од циркулаторни заболувања се на возразт над 65 години што значи дека станува збор за хронични заболувања на цуркулаторниот систем.-рече Д-р Коцевска.

Неправилната исхрана, физичка неактивност и нередовна контрола на здравјето, се причини за сериозни заболувања кои доведуваат до смрт, поради што е потребно да се влијае на населението во насока на промена на животните навики.

-Возрасната популација треба редовно да го контролира здравјето, барем еднаш годишно да се прави ЕКГ и лабораториски испитувања, особено тоа важи за ризичните групи на возраст од 40-55 години, а со цел рано откривање на болести на циркулаторниот систем.-советува Д-р Коцевска.

Што се однесува до здравјето на децата и младите, доминантни се заболувањата на респираторниот систем. Д-р Коцевска смета дека треба да се обрне внимание кај децата на предучилишна возраст на здравствено образовни активности, но и да се променат одредени навики.

-Бидејќи нашето подрачје нема аерозагадување треба да го промениме начинот на живот, да се зголеми престојот во природа, децата да играат и рекреираат надвор од домот, а училишните деца да ја зголемат физичката активност преку пешачење и спорт.-истакна Д-р Коцевска.

Податоците за здравјето на населението, компаративните анализи и препораки се проследуваат до Институтот за јавно здравје и Министерството за здравство. Останува на нив да преземат чекори за подобрување на здравстевната состојба на населението на подрачјето на Охрид, додава Д-р Коцевска.

Г.М.