Во најлоша состојба е Чинарот на плоштадот „Крушевска Република“, за кој легендата вели дека го засадил Св. Климент Охридски пред 1100 години. Поради своето значење во 1967 година овој Чинар беше прогласен за споменик на природата и е ставен под заштита на државата која пред девет години изврши делумна санација на дрвото.
– Еден дел од основата на стеблото каде се вршеше конзервација е во многу лоша состојба затоа што има појава на трулење, односно дел од кората е веќе падната и се познава голема дупка во самото стебло и при мало невреме или пообилни снежни врнежи може да дојде до кршење на истото, предупредува Вера Рауник, од Одделението за заштита на животната средина при Општина Охрид.
Стариот Чинар во центарот на Охрид во најлоша состојба
Ништо подобра не е состојбата на Чинарот во населбата Воска од кој е останата само една гранка, која поради оштетувања и тежината може секој момент да се скрши, предупредува Рауник.
Од Чинарот во Воска остана само една гранка
Сериозна опасност претставува и Чинарот во населбата Кошишта кај кој е забележана појава на сушење на крошната и гранките и може да дојде до нивно кршење, со што е загрозена безбедноста на жителите од зградата која се наоѓа во непосредна близина, но и на минувачите.
Се суши крошната на Чинарот во Кошишта
За состојбата на Чинарите, општината на неколку наврати го информирала Републичкиот инспектор за животна средина, како и Министерството за животна средина, од каде до сега не добиле никаков одговор.
– Заедно со Републичкиот инспектор за животна средина извршивме увид и тој донесе неколку решенија во кои укажува дека е потребно да се изврши санација на Чинарите. Тие се испратени до Министерството за животна средина, а исто така и ние како Одделение реагиравме до нив за да ја истакнеме потребата од брза интервенција, но досега немаме никаков одгвовор, истакна Рауник.
Тешката и оштетена гранка на Чинарот во Воска може да се скрши
Во 2002 година во невремето што го зафати Охрид се скрши дел од Чинариот на плоштадот „Крушевска Република“, по што беше извршена санација на стеблото. Таа и ден денес се оспорува од стручната јавност, која смета дека токму несоодветно извршената конзервација е преичина за влошување на состојбата на овој споменик на природата. Експертите укажуваат дека е потребно најитно да се изврши статичко обезбедување на трите охридски чинари и да се побара меѓународна помош за санација на оштетените делови од дрвјата, бидејќи евентуална нестручна интервенција може да предизвика несакани последици.