Со гостувањето на Драмски театар и претставата “Грев или шприцер” која ќе се прикажува во сабота, фестивалот “Охридско лето” го најавува почетокот на новиот концепт на работа- охриѓани да имаат можност да проследат што поголем број културни настани вон 40- те фестивалски денови во летниот период.

По гостувањето на Драмски театар на фестивалот, со директорот се договоривме тие повторно да настапат во Охрид во текот на годината, со нов и актуелен проект. До крајот на 2011 ќе бидат прикажани уште два проекти од кои едниот музички,а другиот е драмски. Сето тоа ќе се реализира во соработка со Центарот за култура и охридскиот театар, затоа што станува збор за сродни институции. Соработката која ја имавме во текот на летниот период, не само што ја продолжуваме туку и ја продлабочуваме и со нови сили одиме понатаму да ја промовираме културата во Охрид, изјави вд директорот на “Охридско лето”, Илија Мојсоски .


Како што објасни и претседателот на Управниот одбор на фестивалот, Зоран Велјаноски- Летра, замислата е преку годината да се претставуваат и промовираат уметници од Македонија, кои редат успеси, а ретко имаат можност да се претстават пред охриѓани.

Екипата која сега работи во областа на културата во Охрид е на прагот на создавање на една мини културна револуција, истакна Велјаноски.

Соработката на трите културни институции, според директорот на театарот, Горан Стојаноски, ќе го збогати културниот репертоар во Охрид.

–    Партнерството помеѓу трите културни институции од Охрид е голем чекор за едно вмрежување и развивање на културната репертоарска политика, рече Стојаноски.

Директорката на Центарот за култура, Драгана Боцевска, истакна дека без меѓусебна соработка меѓу трите институции, е невозможно да се донесе поголем проект во градот.


 
На наше големо задоволство, со заедничка организација успеавме да ја донесеме претставата “Грев или шприцер” и ставиме на репертоар. Соработката продолжува, а ќе продолжи и носењето на интересни проекти кои охрѓани ќе имаат можност да ги видат, рече Боцевска.

Претставата “Грев или шприцер” на Драмски театар, работена според текст на Сашко Насев, ќе биде прикажана на 19 ноември, во големата сала на Центарот за култура, со почеток во 20 часот. Цена на билетот е 150 денари.

Главните улоги во претставата ги толкуваат : Драган Спасов, Билјана Беличанец – Алексиќ, Зоран Љутков, Роберт Вељановски, Сашо Тасевски, Маја Вељковиќ – Пановска, Билјана Драгичевиќ – Пројковска. Режијата е на Деан Дамјановски, а музиката е на Венко Серафимов.

Станува збор за римејкот на една од најпопуларните македонски претстави,  која во режија на Димитар Станкоски во ’90-тите  години од минатиот век доживеа огромен успех и голема посетеност, тогаш во изведба на одличната актерска екипа предводена од Ненад  Стојановски.

OhridNews