Охридската делегација, пред многубројните посетители кои пројавија голем интерес за охридската и македонската култура, на својот штанд ги претстави културните и туристичките вредности. На оваа изложба на културните вредности во функција на туризмот учествуваат 120 излагачи од преку 20 земји од Европа, Азија и Јужна Америка.
Од Локалната самоуправа потенцираат дека охридскиот штанд е еден од најпосетените, а во текот на вчерашниот ден биле остварени повеќе средби со претставници од организаторите и гостите на саемот.
Претставникот на општина Охрид, Васил Ложанкоски, остварил протоколарна средба со градоначалникот на Велико Трново, Румен Рашев, а се сретнал и со заменик градоначалникот, Јордан Грозданов. Во просториите на Државниот Универзитет во Велико Трново „Св. Кирил и Методиј“, Ложанкоски остварил средба со про-ректорот на Универзитетот, проф.д-р. Милен Михов. На средбата била потенцирана заложбата на општина Охрид за воспоставување на поблиски односи помеѓу Универзитетот во Велико Трново и Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола односно Факултетот за туризам од Охрид.
Покрај штандовското претставување организирани се повеќе работилници на тема „Културата и нејзина промоција во функција на туризмот“, а вечерва предвидено е претставување на националните кујни каде ќе учествува и општина Охрид.
– Мора да се истакне одличниот прием на кој наиде охридската делегација кај домаќините кои се потрудија Охрид да добие најдобри услови за своето претставување – вели Ложанкоски.
Охрид и Велико Трново се збратимени градови од 2007 година, а нивната соработка постојано се надоградува.