Партиите во Охрид, судејќи според нагрдените згради со политички пароли и невкусни обраќања, по се изгледа, ја започнаа предизборната пропаганда. Речиси нема поголем станбен објект во централното градско подрачје, кој не е ишаран со вакви пораки. Оградите кај Палас, гимназијата, поранешниот полигон за мали спортови, музичкото училиште „Методиј Патчев“ и зградите на охридскиот кеј, но и сообраќајни знаци и билборди се нагрдени со партиски пораки.
Граѓаните реагираат и до партиите, но и до надлежните во Охрид, да се спречи ваквата “комуникација“ со избирачите. „ Денес едните пишуваат, утредента други премачкуваат. Тие пишуваат, како да нема крај на ваквото однесување“ – истакнуваат повеќето граѓани со кои денеска разговаравме.
Општо е мислењето дека Охрид, како туристички центар на Македонија, не заслужува вакво партиско дивеење по зградите и други јавни места. „Надлежните мораат под итно нешто да преземат“, ни изјави еден возрасен сограѓанин, дополнувајќи дека треба да се стави крај на ваквото однесување.
Оваа грда слика се повторува секогаш пред избори. Од двете најголеми политички партии, денес не успеавме да добиеме одговор за проблемот. Од ВМРО-ДПМНЕ ни рекоа дека “онаа другата го прави сето тоа“. Додека од СДСМ, не успеавме да добиеме никаков коментар. Во секој случај сликите најдобро зборуваат за однесувањето на двете партии.
Можеби најдобар коментар за однесувањето на партиите е пораката која осамна на ѕидот од Националнта установа „Григор Прличев“.
До локалните избори остануваат уште неколку месеци, време кое и надлежните треба да го искористат за да се спречи нагрдување на бисерот на Македонија. Воедно и политичките партии да се потрудат комуникацијата со граѓаните да ја издигнат на повисоко ниво, кое тие го заслужуваат. Ако Охрид изгледа уште сега вака, можеме да замислиме каков ќе биде пред самите избори.