Охрид нема да ја добие титулата ,,Град на култура за 2012 година” затоа што Охридската локална самоуправа и оваа година не испрати своја програма на конкурсот кој го имаше објавено Министерството за култура.

– На седум изминати конкурси Охрид, аплицираше со богати и интересни кутурни програми, но сепак не доби прилика да ја организира оваа престижна културна манифестација. Од тоа може да се изведе заклучок дека изборот не се врши според понудените програми туку според политички одлуки. Токму поради тоа, исто како и претходната година, општината одлучи  да не се кандидира за ,,Град на културата за 2012 година”, велат до Општина Охрид.

На овогодинешниот кокурс, чиј што рок истече минатата недела, можеа да учествуваат сите единици на локалната самоуправа во Република Македонија.

-Основен критериум по кој ќе се раководи при разгледувањето на пријавите е понудените програми да содржат  препознатлива културна и историска традиција, како и презентација на актуелните културни вредности, стои помеѓу условите за аплицирање.

Во конкурсот се објаснува дека манифестацијата „Град на културата” има за цел да создаде можности за рамномерен културен развој и да обезбеди услови за достапност на граѓаните до културните вредности и нивно масовно користење, како и за да се поттикне заживувањето на културата на локално ниво.

Досега домаќини на ова случување беа Радовиш, Битола, Прилеп, Куманово, Штип, Велес, Кавадарци и Гевгелија.

OhridNews