Според официјалните податоци на Институтот за јавно здравје на Македонија, Охрид не е на критичната листа на заболени од сезонски  грип. Според последните податоци, на ниво на Република Македонија, до сега биле  пријавени 540 случаи со симптоми на грип со лесна клиничка слика. Од нив најголемиот број случаи или 250 се регистрирани во Тетово, а по 50 има во Скопје, Куманово и Струмица, додека во останатите градови бројот е значително помал.

Вчера кај дете во Тетово бил регистриран и првиот  случај на грип од типот АХ3Н2 за оваа сезона. Според упатените, овој тип грип е сезонски, а на подрачјето на Македонија бил присутен и изминатите години.

– Минатата година во декември имаше 900 случаи со грип, во јануари 7.000, а во февруари 13.000. Досега против грип се вакцинирани 24.000 лица. Министерството за здравство до сите центри за јавно здравје достави дезинфекциски средства за раце и простории за тие да се поделат во здравствените установи, како и лекот Тамифлу кој ќе биде бесплатен, вели Јованка Костовска, раководител на Секторот за превентивна здравствена заштита.

Таа нагласи дек Комисијата за заразни болести и пандемски грип постојано заседаваа и ја следи состојбата. Се препорачува да се користи повеќе витамин Ц и топли напитоци и да се избегнуваат пациенти кои имаат какви било респираторни заболувања.

– Се очекува по завршувањето на распустот на учениците да има поголем интензитет на грип, додаде Костовска.

Жарко Караџовски од Институтот за јавно здравје рече дека во последните три недели е регистрирани зголемен број заболени од респираторни инфекции.

– Грипот трае седум до 10 дена, а потешка клиничка слика бара интензивно лекување и антибиотска терапија, истакна Караџовски.

Во врска со состојбата со грип во Европа, тој посочи дека е регистрирана ниска активност.

OhridNews