Охрид и оваа туристичка сезона нуди извонредна забава за посетителите, која кулминација ќе достигне овој и викенд и за време на Илинденските празници, кога на ривиерата ќе гостуваат големи светски имиња, но и ѕвезди од Балканот и од македонската естрада.

Програмата која ја нуди Охрид ова лето може да задоволи сечиј вкус, независно дали сте љубител на класична, рок или електронска музика или добра театарска претстава.

Од утре па во наредните седум дена, нашиот најголем туристички центар, ќе биде центар на забавата во Македонија. Во пресрет на Илинденските празници се очекува да пристигнат уште поголем број туристи, а Охрид ќе има што да понуди.

Викендов во Градиште ќе се одржи фестивалот “Love and Happiness” на кој главни ѕвезди ќе бидат Том Боксер и Антониа Морена кои ќе и ги донесат светските хитови на македонската публика.

По големиот концерт во Градиште, љубителите на  добрата забава можат да го слушаат Петар Маркоски во недела, на плажата Канео, а вечерта можат да ја поминат во “Bella Vista” на концертот на Дарко Илиевски, Димитар Андоновски и Ена.

Во среда на 1ви Август на стадионот Билјанини извори ќе се одржи голем концерт на Здравко Чолиќ но тоа не е единствената опција за вечерта бидејќи истата вечер во предворјето на Св. Софија во склоп на фестивалот Охридско Лето ќе настапат Леб и Сол.

Четврток 2ри август на Античкиот театар ќе настапат хрватите Лука Шуклиќ и Стјепан Хаузер или познати како сензацијата “2CELLOS”, додека на плажата “Парк – 4 Seasons” ќе настапува еден од најдобрите DJи во светот Армин Ван Бурен.

Покрај споменатите, во охридските клубови, плажи и летни тераси ќе гостуваат и голем број други познати музички имиња оваа недела која според најавите ќе биде една од “најлудите” ова лето.

Петар Симјаноски