Охрид нема  автентичен и препознатлив сувенир, па домашните и странските туристи се принудени сами да избираат што ќе понесат како спомен од престојот кај нас.

Добрите познавачи на туризмот велат дека од исклучителна важност е еден туристички центар да избере или да создаде некој предмет, кој би бил негов препознатлив белег. Според нив, Охрид има илјадници археолошки предмети, објекти со историско и културно значење и уникатни занаетчиски производи, кои би биле идеални за ваква намена.

– Странците се заинтересирани за купување сувенири и често прашуваат кој е карактеристичниот сувенир кој може да се купи тука. Кога ќе им објасниме дека немаме таков, често наидуваме на прашањето како е можно такво нешто. Значи, странците се принудени сами да изберат што ќе купат како спомен. А сите знаеме дека по продавниците и тезгите се нудат разни предмети кои и не се карактеристичен белег за нашиот град, велат охридските туристички водичи, кои се во постојан контакт со странските туристи.

Тие им препорачуваат на надлежни институции на локално ниво, во најскоро време да изготват препознатлив охридски  сувенир, за да може истиот да се понуди во специјализираните сувенирници кои Министерството за култура ќе ги постави на две локации во градот.

Од  Секторот за туризам и локален економски развој при Општина Охрид се согласуваат дека на Охрид му е потребен препознатливи сувенир, но велат дека немаат надлежност истиот да го изготват.

– Ние како сектор не сме во можност ниту пак имаме  надлежност, дизајнерски да избираме или да одлучиме кој ќе биде  сувенирот кој е препознатлив за Охрид. Преку програмите за поддршка кои ги имаме секоја година, ги поттикнуваме занаетчиите, граѓаните, невладините организации да предложат проекти за развој на туризмот, а тоа е одлична можност да размислуваат и да предложат проект за изработка на препознатлив сувенир на градот. Доколку би имало некој таков квалитетен проект секако дека би го поддржале, вели Гоце Симоноски, раководител на Секторот за туризам, при Општина Охрид

Тој објасни дека околу ова прашање тие можат да помогнат и со изготвување на анкета, со која би ја испитале јавноста за тоа кој е препознатливиот симбол на Охрид,  што може да се користи како сувенир или како мотив за сувенир.

-Вакво анкетно прашање имавме  во 2009 година, во рамки на Анкетата за развој на туризмот во Охрид. Колку што се сеќавам тогаш од страна на анкетираните граѓани и туристи, како највпечатливи симболи на Охрид беа предложени Охридското Езеро, црквата Свети Јован Канео, Самоиловата тврдина и охридската градска архитектура, објасни Симоноски.

Инаку на тезгите и продавниците низ охридската чаршија се продаваат најразлични производи кои се нудат како сувенири.

Продавачите велат дека во текот на последната летна сезона најпродавани биле  приврзоците за клучеви, релјефните украси, малите слики и магнетите на кои има пејзажи од Охрид и од охридските знаменитости.

Е.М