Туристи од Холандија, Белгија, Турција, Бугарија, Данска и од земјите на поранешна Југославија ќе одмараат на Охридската ривиера во текот на есенските месеци. Според информациите кои ги добивме од охридските туристички работници, оваа есен хотелите на крајбрежјето ќе бидат домаќини и на низа конгреси и семинари кои ќе донесат бројни гости.

Од здружението на хоелиери ХОТАМ велат дека холандските туристи кои во текот на летните месеци ги полнеа охридските хотели, ќе доаѓаат во Охрид до средината на октомври.

-Според планираното, чартерите од земјте на Бенелукс продолжуваат во континуитет до 12-ти октомври и се очекува на Охридскиот аеродром да има од 5 до 6 чартер летови неделно. Голем број странски туристи ќе дојдат во Охрид и во рамки на Балканските тури, а најбројни според најавите, во текот на престојниот есенски период ќе бидат турските туристи, вели Дончо Танески, претседател на ХОТАМ.

Тој е задоволен што оваа година охридското крајбрежје станало повторно атрактивно за бугарските туристи.

-Во соработка со неколку бугарски туроператори успеавме да ги повратиме во Охрид бугарските туристи, кои организирани во групи, но и индивидуално ги имавме во текот на летниот период. Според најавите и во рамки на пост-сезоната очекуваме голем број на туристи од Бугарија, вели Танески.

Според него за да Охрид има посупешна есенска туристичка сезона, интерес треба да покажат домашните туристички агенции, кои треба да направат пакет аранжмани и да ги понудат на пазарот.

-Условите ни се создадени, ги имаме нискобуџетните летови и авиокомпании кои патуваат до Македонија од околу 15 дестинации, но немаме домашни агенции кои би направиле туристички производ и би го понудиле. Значи хотелот не е тој што треба да понуди пакет аранжман. До него треба да се обрати агенција која треба да побара пакети со цени. Тоа е слично со начинот на кој домашните агенции ја подаваат Грција, каде што претходно закупуваат капацитети и потоа ги нудат како пакети, потенцира Танески.

Освен хотелиерите и приватните станоиздавачи немаат креирано стратегија и понуда со пакет аранжмани и акциски цени за да привлечат поголем број на гости во есенските месеци. За престој во приватното сместување цените се движат од 300 до 600 денари по кревет или од 1.200 до над 3.000 денари за дневно изнајмување на апартман.

-Не ни е исплатливо да ги намалуваме цените за издавање бидејќи трошоците за одржување на апартманите ни се исти и во летните и во есенските месеци. Исто така може да се случи во есенските месеци времето да е поладно, па да треба да вкучиме и затолување, што е дополнителен трошок. Тоа значи дека во никој случај не можеме да ги издаваме апартманите по пониски цени, вели сопственик на неколку туристички станови во Охрид.

Тој истакна дека за септември и октомври веќе имаат индивидуални резервации од страна на српски туристи, но очекуваат и домашни туристи за време на викендите.

За да ја стимулира наплатата на туристичка такса и да отвори можност за пониски цени за сместување, Охридската локална самоуправа од годинава ќе субвенционира дел од уплатената такса за привремен престој на домашните и странските туристи, за физички лица вршители на угостителска дејност од мал обем во општина Охрид. Висината на субвенцијата ќе изнесува 50% од уплатената такса за привремен престој по основ на вкупниот број на остварени ноќевања за периодот од 1-ви јануари до 30-ти јуни и од 1-ви јули до 31-ви декември.

Е.М