Охрид остварува добри приходи по основ на туризам, но има големи загуби по осамостојувањето на државата. Ова е меѓу главните заклучоци добиени од извршената „Анализа на економскиот импакт на туризмот“ во економијата на општина Охрид, кои денес беа презентирани од страна на експертите по туризам.

Како што истакна еден од изработувачите на анализата, продеканот за настава на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид, проф. д-р Александар Трајков, анализите покажале дека годишно се генерираат околу 150-160, во најдобрата година 2014 биле и 170 милиони долари приход по основ на туризам, што се директни приходи остварени по основ на ноќевања. Учеството на странските приходи во вкупните континуирано расте, 5-6 во 2001, до над 40% што е, како што вели професор Трајков, во секој случај добар индикатор.

  • Она што е интересно и условно речено поразително за вкупната економија, не само за економијата во Охрид, се загубите кои сме ги претрпеле по осамостојувањето по основ на приходи од туризам. Нашата проценка е дека во периодот од 2000 до 2017 година се генерирани 2 милијарди долари приход, но се загубени околу 3 милијарди долари приход по основ на туризам, тоа е голема сума имајќи ги во предвид индиректните ефекти или обртот кој може да настане во националната економија. Тоа се приходи што би требало да влезат. Требало да имаме 5 за тој период, а сме имале 2. Во овој период, од 2000 до 2017,  имаме околу 11 милиони ноќевања загуба, објаснува проф. Трајков.

Причините кои довеле до ваквите загуби се безбедносните и политички кризи, поради кои туристите доаѓале во регионот, но не и во нашата земја.

  • Истражувањто кај нас покажа дека приходите по основ на туризам што се генерираат во Охрид се околу 1,4% од БДП, во најдобри времиња биле 1,7%. Поразително е со оглед на потенцијалот што го има туризмот, како стопанска дејност со најголем коефициент на мултипликација. Секако тоа влијае на економијата. Добро е што последниве години имаме раст, созадаваме дополнителни приходи по основ на туризам, но тоа не е стабилно. Секоја наредна година ни е загуба заради претрпените загуби од осамостојувањето. За да го достигнеме растот што сме го имале треба да се движиме експоненцијално, а не линеарно, вели Трајков.

Деканот на ФТУ, проф.д-р Цветко Андреески, потенцира дека со анализата се направила одржлива методологија која општината ќе може да ја користи не само за обработените податоци, туку и во иднина при креирањето на политиките во насока на развој на туризмот.

  • Субвенциите покажаа можност за развој на туризмот. Од нивно воведување во 2011 година до денес може да видиме дека е двојно зголем бројот на ноќевања, ефектите се евидентни. Слични мерки треба да се донесат и за домашните туристи. Ако ги видиме најразвиените туристички држави, таму поголем е бројот на домашните од странските туристи, на пример во Франција. Треба да се посветиме на домашните туристи, треба да се ревидира политиката на субвенционирање, треба да се зголеми бројот на авио летови кои доаѓаат кон Охрид. Има многу висока позитивна корелација меѓу бројот на пристигнати патници на нашиот аеродром и бројот на регистрирани туристи и тие се едни од најквалитетните, вели професор Андреески.

Според извршената анализа во 2020 се очекува пораст на бројот на странски туристи за 12,5%, и пораст на домашните гости за околу 3%.

Изработената „Анализа на економскиот импакт на туризмот“ во економијата на општина Охрид, што беше презентирана денес, беше подготвена по иницијатива на општина Охрид, а од страна на експертите од ФТУ. Анализата опфати пресметки на туристичките приходи во општината, од домашни и странски туристи, учеството на приходите во БДП. Извршени се и пресметки колку пари се изгубени по основ на извоз на туристички услуги од општината, а се направи и меѓусекторска анализа, колку имаат влијание хотелите и рестораните во останатите стопански сектори. Се пресмета колку приходите од туризмот генерирале приходи во останатите сектори и се изврши проценка на јавните давачки кои по основ на ноќевања може да ги прибираат општините и државата.

OhridNews