Од утре до крајот на неделава, Охрид ќе биде претставен на туристичкиот саем во Швајцарија, соопшти службата за информирање во Општина Охрид.

Во рамки на презентирањето на Охрид ќе се одржат и повеќе работни средби со бизнисмени и потенцијални инвеститори во Охрид, како и разговори со градоначалникот на Лугано за продлабочување на соработката меѓу двата града.
Според градоначалникот Петрески, се очекува да се конкретизира најавената донација од градот Лугано за Охрид која се однесува на опремување на Територијалната противпожарна единица во Охрид со современа опрема и возила.
Туристичкиот саем во Лугано е традиционална централна туристичка манифестација во Швајцарија на која учествуваат познати туристички дестинации и туроператори и на која се прават договори за годишни одмори во наредната година.
Минатата година Охрид за прв пат беше застапен на овааа манифестација како наградена туристичка дестинација од тамошниот специјален комитет. Манифестацијата, минатата година се одржа во терминот од 1 до 4 ноември кога на Општина Охрид и беше врачена престижната награда „Кралство на светилината и водата“.
А. Ристоска












