Охрид е подготвен за одбележување на  еден од најголемите христијански празници Богојавление – Водици. Со низа настани, градот на овој ден привлекува бројни туристи кои ос сите страни пристигнаа во Охрид.

Бината крај градското пристаниште е веќе поставена, а на неа ќе продефилира охридски музички состав од 30 музичари.

Исто така, манифестацијата ќе биде збогатена преку штандот на Регионалната занаетчиска комора, кој веќе е поставен кај кружниот ток на градскиот плоштад. 

Чествувањето на големиот верски празник Богојавление- Водици ќе започне со свечени литургии кои ќе се служат истовремено, со почеток во 8 часот во сите парохиски цркви во Охрид.

Со свечената литургија во црквата Успение на „Пресвета Богородица- Каменско“, ќе чиноначалствува митрополитот Дебарско- кичевски, г. Тимотеј.

По завршувањето на литургијата, свечената поворка од оваа црква, на плоштадот кај стариот чинар ќе се сретне со поворката од црквата „Св. Ѓорѓија“ по што ќе продолжат кон градското пристаниште, каде во 10 часот ќе им се придружат и верниците од црквата „Св. Никола- Ѓеракомија“ од каде ќе се носи светиот крст кој во 10.30 минути, од бродот Александрија 2, ќе се фрла во водите на езерото.

Во текот на утрешниот ден, традиционално ќе се одвива крводарителска акција од страна на Црвениот крст на Охрид.

OhridNews