На празникот Св. Јован кога традиционално се одбележува Денот на рибарите, Охрид подготви 3,3 тони рибина чорба, со која го собори Гинисовиот рекорд кој го постави еден американски колеџ со три тони и дваесет килограми рибина чорба. Останува сега рекордот да го потврди и комисијата од Гинис, која треба да ги провери снимките од обидот на охриѓани да постават нов светски рекорд.

-Ние нашето го
направивме сега треба да ни потврдат, а не гледам причина да не се случи тоа,
изјави Љупчо Арнаудов од  ЗГ Богојавление.


Чорбата за Гинис три дена ја подготвуваа професори и ученици од средното угостителско училиште „Ванчо Питошески“ од Охрид, а потребните намирници ги обезбеди фирмата „Дасс инженеринг“.

-Се надевам дека овој рекорд ќе трае долго, а ако се случи да ни го оборат во меѓу време овој рекорд, ќе собереме екипа догодина и пак ќе го собориме рекордот.-рече Сандре Трпоски, спонзор на обидот за соборивање на рекордот.

Употребени беа 500кг лосос, 200кг ослиќ и 150кг калифорниска пастрмка, како и 140кг морков, 50кг целер, 20кг пашканат, 110 литри масло, 100кг брашно за запршката, 200 китки магдонос и 20кг зачин и сол. Од утрово чорбата се крчкаше во голем казан на дрва во центарот на Охрид, под будното око на главниот готвач Блаже Јорданоски.

-Дваесет часа беа потребни рибата да се свари и исчисти, плус имавме зеленчук доста некаде околу 300 килограми, истакна главниот готвач Блаже Јорданоски .


Вкупно се подготвени 11.000 порции рибина чорба. Дел ќе вкусат граѓаните кои во голем број денеска дојдоа на градското пристаниште на одбележувањето на Денот на рибарите, а дел ќе биде доделен на ранливи категории граѓани, болници и други институции. Дел од граѓаните си носеа прибор за јадење, а останатите по симболична цена од 50 денари можеа да купат земјено чинивче – сувенир кој ќе им остане за спомен од уривањето на Гинисовиот рекорд.


Празнувањето на Денот на рибарите традиционално беше заокружено со фрлање на бурињата со вино во водите на Охридското Езеро. Најмногу среќа имаше Петар Рупески од Варош кој доплива до виното со црвено вино, кое му донесе наградно патување што го обезбеди Т.А. „Вис Пој“.


-Иако не е крстот, се надевам дека бурето ќе ми донесе среќа оваа година, изјави Рупески, кој заедно со своите другари го испија виното.


Меѓу капачите кои скокаа по бурињата беше и поранешниот евроамбасадор Ерван Фуере, кој уште еднаш искажа воодушевување од убавата традиција.


Манифестацијата беше збогатена со староградска музика која во живо ја изведуваа триесетина охридски музичари и изложби на рибарска опрема и фотографии.

Г. Момироски