Променливото време и нетипично пониските температури во овој дел од годината, очигледно дека не се доволно „примамливи“ за домашните, односно туристите од соседството. Приватните сместувачки капацитети се половично исполенти, а охриѓани со поделени мислења околу „шпицот“ на туристичката сезона.


Културно-уметничките работници од стариот дел на градот кој е доста фрекфентен во текот на летниот период, истакнуваат дека оваа година забележително е отсуството на туристи од балканските земји, чиј број е драстично намален.

Самата природа на нашата работа е давање информации од областа на културата и културното живеење во Охрид и охридскиот регион во текот на летниот период. Под тоа се подразбира постојаната поставка за А. ден Долард, потреба од информации и изложба на фотографии. Според тие три активности, на некој начин публиката е строго одредена. Пред се, тоа се луѓе од подалечните земји како Холандија, а нашата публика не е директно заинтересирана за она што го нудиме. Во споредба со минатата година, може да се осети дека има помала посетеност во нашиот културно-информативен центар, односно во овој дел на градот каде има најголема фрекфенција на странски гости. Очигледно отсустуваат туристите од балканските земји.“ – истакнува Мишо Јузмески, од Културно-информативниот центар „Култура 365“.


Занаетчиите чии дуќани се наоѓаат во охридската чаршија велат дека за разлика од минатата година, странските туристи од европските земји се побројни, но во строгиот центар се чувствува отсуство на домашни посетители.

За разлика од минатата година, странските туристи се побројни и има доста заинтересираност за нашите ракотворби.  По она што можеме да забележеме, недостасуваат гостите од внатрешноста, а причините можат да бидат различни, како лошата економска и финансиска состојба на македонските граѓани.“ – велат од ателјето „Фармакоски“.


Охридските кајчари кои најдобро можат да ја оценат состојбата долж крајбрежјето, потенцираат дека во деновите кога временските услови се добри, услугите кои тие ги нудат се доста интересни за странските посетители.

Не смееме да се пожалиме, колку толку успеваме да заработиме за живот во летниот период. По наша проценка, угостителските објекти во централното подрачје се исполнети во вечерните часови, па генерално може да се каже дека има некоја раздвиженост. Претежно тоа се странски гости и нашинци кои се враќаат во родната земја. Да се надеваме дека времето ќе се поправи, па така ќе има за сите.“ – потенцираат охридските кајчари.


Економскиот „билтен“ на помалите маркети во периферните делови на градот, најмногу зависи од домашните туристи кои најчесто престојуваат во сопствените викенд-станови.

Деновиве почнаа да пристигнуваат „комшиите“ од внатрешноста кои ги познаваме, но во разговор со нив, повеќе ќе останат само на неколку денови, па заминуваат во соседна Грција. Нормално, прометот е намален во споредба со минатите години, но се уште е рано да зборуваме дали ова ќе биде полоша година од ланската.“ – вели вработен во еден охридски маркет.

Дали оваа година ќе биде полоша од претходната, останува да се види во „шпицот“ на туристичката сезона, кој се уште не е започнат.

О.Т.