Охрид се наоѓа на Топ-10 листата на конгресни дестинации во Југоисточна Европа за 2014 година, според веб порталот на словенечкото списание „Конгрес“. Овој реномиран стручен магазин за бизнис и конгресен туризам, во текот на ноември минатата година го сместил нашиот најголем туристички центар на седмата позиција, во прегледот на градови кои имаат капацитет за развој на ваков вид туризам.
-Охрид е најубавиот македонски град, бисер на Балканот и ветува многу како туристичка дестинација. Градот и Охридското Езеро, поради нивното богато културно и природно наследство се заштитени под УНЕСКО. Ова е автентична балканска дестинација со исклучително гостопримливи домаќини, пишува меѓудругото магазинот „Конгрес“ во краткиот опис за Охрид.
Освен Охрид, во листата на најдобри конгресни дестинациии во Југоисточна Европа за ова година се наоѓаат и градовите Трст од Италија; Нови Сад и Суботица од Србија; Умаг, Мал Лошин и Задар од Хрватска; Горишка Брда и Рогашка Слатина од Словенија и Сараево од Босна и Херцеговина. http://www.kongres-magazine.eu/2013/11/top-10-regional-meetings-destinations-to-watch-in-2014/
Туристички работници од регионот велат дека тоа што Охрид е дел од една ваква листа на конгресни дестинации, може да придонесе многу за зголемување на бројот на интернационални конгреси, научни конференции, семинари и бизнис настани кои би се одржувале на охридската ривиера.
-Охрид е препознатлив бренд на туристичкиот пазар во регионот, но сеуште ги нема максимално искористено потенцијалите за туризам надвор од летната сезона. Конгресниот туризам може да носи постојан прилив на средства во туристичката каса во пролетните, есенските, па дури и во текот на зимските месеци. Токму поради тоа надлежните институции од Охрид треба да вложат напори за презентирање на градот во оваа насока, вели Александрија Ристиќ, туристички работник од Србија.
Таа смета дека со развој на конгресниот туризам, сместувачките капацитети во Охрид ќе може да опстојуваат и да работат преку целата година, а поголема заработка би можеле да имаат и угостителските објекти и трговските дуќани.
Е.М