– Годинава е забележеително присуството на грците и нив претежно ги има преку викенди. Охрид е интересен за нив зошто нуди се на едно место, значи имаме снабдени продавници, маркети, бутици, така што тука можат да пазарат, а воедно да направат еден убав викенд и да прошетаат, велат трговците од охридската чаршија.
Дека расте бројот на грчки туристи во Охрид, потврдуваат и угостителските работници, кои забележале дека грците, освен во викендите доаѓаат и во работни денови.
-Буквално секој ден во нашата кафетерија имаме гости кои зборуваат на грчки јазик. Претежно доаѓаат во утринските часови, а ги има индивидуално или во групи. Често се натоварени со кеси за пазарување, но дел од нив даоѓаат само туристички, вели Живко Танески, вработен во кафетерија на охридскиот плоштад.
Охридските туристички работници велат дека не е мал бројот и на грчки туристи кои во Охрид доаѓаат во организирани групи.
–Во текот на предсезоната, односно за време на Велигденските празници имаше голем број туристички групи од Грција, но бројки не можат да се прецизираат, затоа што овие групи доаѓаат преку агенции, кои резервираат во хотелите директно и не соработуваат со туристичките агенции од Охрид, велат туристичките работници.
Тие очекуваат дека грчките туристи, кои живеат во пограничните региони на Грција, ќе бидат чести гости и во текот на престојната туристичка сезона.
-Основен проблем за привлекување на грчките туристи е лошата патна инфрструктура кон Охрид. Доколку патот од граничниот премин Меџитлија до Охрид е во добра состојба, сметаме дека Грците освен на туристички посети ќе доаѓаат и по други потреби, велат туристичките работници.
Тие нагласуваат дека грчките гости знаат да ја ценат гостопримливоста и добрата услуга и се добри потрошувачи, така што Охрид треба на најдобар начин да го искористи тоа.
Инаку според информациите кои деновиве ги има во останатите медиуми, поради финансиската криза во Грција, значително опаднал бројот на грчки државјани кои по традиција беа редовни потрошувачи во Битола и Гевгелија.