Со низа пригодни свечености, охридската локална самоуправа денеска ќе го одбележи 7-ми Ноември – Денот на ослободувањето на Охрид.
Во 12 часот претставници на општината ќе положат свежо цвеќе пред спомениците во Градскиот парк, како и на споменикот на Петре Пирузе кај Основниот суд, пред споменикот на Мите Богоески во дворот на СОСУ „Св.Кирил и Методиј“, на споменикот на Јасна Ристеска во село Рамне и на спомениците на паднатите борци кои се наоѓаат на градските гробишта. Во 12 часот и 30 минути ќе се одржи историски час и ќе има полагање на свежо цвеќе во Спомен паркот на револуцијата.
Според празничната програма, во 13 часот, во холот на општина Охрид ќе биде отворена изложба со слики на учениците од општинските основни училишта, а во 13 часот и 30 минути, во големата општинска сала ќе се одржи Свечена програма по повод денот на ослободувањето, на која ќе се обрати претседателот на Советот на општина Охрид Гордана Коњановска, по што ќе следува пригодна културно-уметничка програма.
Празнувањата ќе завршат со свечена приредба на дечињата од ЈОУГД „Јасна Ристеска”, која ќе започне во 17 часот во Спортскиот центар „Билјанини Извори“.
OhridNews