На неколку рекламни билборди во централното градско подрачје на Охрид и по шеталиштето на кејот се поставени панорамски фотографии со мотиви од градот на кои е испишана  пораката „Welcome to Ohrid“.

Билборд-плакатите се поставени од страна на охридската локална самоуправа со цел да се разубави централното градско подрачје и да се покријат застарените и неугледни реклами и плакати.

-Со мотиви од Охрид облепени се осум билборди. Фирмата која претходно стопанисувала со овие билборди, ги немала изнајмено подолг период, па на нив беа останати стари и необновени реклами, кои беа грда слика за Охрид. Токму затоа општината одлучи да изработи  плакати со охридски мотиви и да ги облепи овие билборди, информираат од општина Охрид.

Охриѓани и туристите сметаат дека ваквите билборди испраќаат убава порака за добредојде, а воедно ги покажуваат убавините и знаменитостите со кои Охрид располага.

-Ова е добар начин на промоција, но освен во Охрид вакви билборди треба да се постават и во другите градови во Македонија како и во странските земји. На таков начин ефектот би бил многу поголем, вели еден повозрасен охриѓанец.

Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот во овогодишната програма за промоција на туризмот, во насока на презентација на туристичките потенцијали на Охрид и Македонија имаше планирано закупување на билборди, објавување на реклами во печатени медиуми и на онлајн портали во Србија, Хрватска, Словенија, Бугарија, Косово, Албанија , како и во неколку други странски земји.

Е.М