За претстојните новогодишни празници Охрид ќе биде исполнет со гости, во најголем број од соседна Бугарија, но не е мал бројот и на домашните гости од другите градови од Македонија. За тоа потврда се информациите од хотелите на охридската ривиера од каде велат дека нивните капацитетите се исполнети до последното место.
– Интересот за новогодишните празници е голем. Во нашиот хотел ќе престојува поголема група од Бугарија, а останатите се од градови во Македонија, велат од хотелот Нова Ривиера.
– Најголемиот број гости се од Бугарија, но има и од Скопје, велат од хотел Гарден.
– Гостите ќе пристигнат во текот на денот и остануваат до 2-ри јануари. Доаѓаат од Бугарија, Македонија, но имаме гости и од Србија и Црна Гора, велат од хотел Тино.
За големата посетеност за време на празниците доказ е и тоа што на најпосетуваната интернет страна за апартманско и хотелско сместување во Охрид, Booking.com за наредните три дена, од вкупно 429 понуди, слободни се само триесеттина.
Голем интерес за прославата на новогодишната вечер има во кафулињата, рестораните, клубовите.
Годинава за забавата на градскиот плоштад ќе се погрижи Ѓоко Танески, а Новата 2017 година, присутните на забавата на отворено, ќе ја дочекаат со Елена Велевска.
– Ние се трудиме, како што велат „да ги испружиме нозете онолку колку што ни е долга чергата“ и да направиме еден дочек на Новата година како што му доликува на еден туристички центар или центар кој се стреми да биде позната туристичка дестинација. Тоа да има одреден придонес кон идното привлекување на гости за празниците за да направиме едно продолжување на сезоната. Се надевам дека направивме една скромна, но атрактивна програма за дочекот. Ќе има музика за сечиј вкус, се разбира според можностите, изјави градоначалникот Никола Бакрачески.
Предновогодишниот хепенинг утре, ќе започне во 12 часот со настап на ди-џеј Аце, а од 22 до 22 часот и 45 минути за забавата ќе се погрижи ди-џеј Нести.