Охрид со своите специфики како познат туристички центар, според експертите, е   привлечно место за регрутерите и макроата кои се  главни алки во  синџирот на трговијата со луѓе, но исто така е место каде што се врши злоупотреба односно експлоатација на жртвите. Ова беше нагласено на панел дискусијата  на тема „Трговија со луѓе“, што вчера се одржа во просториите на новоотвореното регионално „Американско катче“ во Струга.


Низ дискусијата во која учествуваа претставници на американската Амбасада во РМ, Министерството на труд и социјална политика – МТСП, Црвениот крст од Охрид и на   НВО  „Езерка“, беше истакнато дека Македонија повеќе не е земја низ која жртвите на трговија со луѓе само транзитираат.

– До неодамна Македонија беше транзитна земја на жртвите од трговија со луѓе, потоа имаме и странски државјанки кои беа експлоатирани во нашата земја, а од  2005 година евидентирани жртви на трговија со луѓе се и  државјанки на РМ, беше кажано на панел дискусијата. Според МТСП, изнесените статистички податоци се фрапантни и треба да се преземат конкретни превентивни мерки во спречување на најтешката форма на кршење на човековите права   – трговијата со луѓе. Иако поголем акцент се става на младата женска популација, се поголем е и бројот на жртви на сексуална и трудова експлоатација и од машки пол, беше посочено во дискусијата.

Година на идентификација

Полнолетни Малолетни  

Вкупно

2006         7       16    23
2007         9       28    37
2008         0       11    11
2009         2        6     8
2010         1        9    10
Вкупно        19       70    89

Најчесто жртвите потекнуваат од дисфункционални семејства во кои имало форми на семејно насилство  истакна Елена Грозданова од МТСП. Таа посочи дека  се евидентирани  и 15 случаи на експлоатација на македонски државјанки во странство: Франција, Белгија и др. „Визната либерализација со себе носи уште поголем ризик  за зголемување на бројот на лица кои трагајќи по подобри услови за живот ќе завршат како жртви на трговија со луге“, беше посочено во дискусијата.


Црвен крст Охрид од 2009 е директно вклучен во проектот „Младите во борба против трговијата со луѓе“, финансиран од ОБСЕ, а спроведен преку Националното друштво на ЦКРМ .  Во рамки на проектот Црвен крст Охрид врши едукација во училиштата и други установи, а организира  и работилници, трибини и јавни презентации, кои имаат за цел да ја подигнат свеста кај младите за опасноста да станат жртви  на  трговија со луѓе.

OhridNews