Со натпреварите од првото коло по групи, во Охрид и Скопје денеска почнува 8-то Европско првенство во ракомет за жени во сениорска конкуренција.

Салата „Билјанини извори“ во Охрид специјално за ЕП е во ново руво. Со нов прес центар и специјален оддел за медиумите за следење на натпреварите, корекции во внатрешноста и нова подлога, нашминката од надвор и внатре, охридската сала го очекува стартот на ракометните возбудувања. Охриѓани ќе имаат чест да ги следат настапите на актуеклниот континентален првак Норвешка, која важи за голем фаворит и на ова ЕП.

Македонската ракометна репрезентација своите натпревари ќе ги игра во салата „Борис Трајковски“ во Скопје. На отворањето вечерва во 20:15 Македонија се среќава со Германија. Во нашата група уште се и Србија и Хрватска. Најдобрите три ќе ги продолжат натпреварире во втората рунда. Нашата репрезентација на ЕП ќе настапи без најефикасната репрезентативка, Валентина Радуловиќ која поради повреда ќе го пропушти шампионатот.

Натпреварите од ЕП во Охрид ќе ги следат 50-на акредитирани новинари од земјава и странство. Екипата на Ohridnews, редовно ќе извесува за случувањата од шампионатот во спортската рубрика, во чии рамки подготвивме специјална потстрана каде веќе десетина дена се објавуваат информации поврзани со најголемиот спортски настан одржан некогаш во земјата.

Денеска на програмата во Охрид:

Група Ц : Шведска – Белорусија (18.15 часот), Русија – Австрија (20.15).

Ohridnews