Статистичките показатели кои се приложени во публикацијата говорат дека минатата година од Охрид се иселиле вкупно 1069 лица од кои 803 заминале во странски земји. Со овие податоци Охрид е рекордер по бројот на отселени лица, а зад него се Гостивар со 427, Битола со 386, Струга 371, Куманово 321, Прилеп со 243 и Струмица со 229 отселени лица. Поголема бројка на отселени од Охрид има само градот Скопје од каде што во истиот период се отселиле 1310 лица.
Споредбено со статистичката евиденција од претходните 4 години, може да се констатира дека бројот на иселени лица од Охрид, пораснал за 393 во споредба со 2010 година кога биле евидентитрани 676 иселени охриѓани. Во споредба со 2008 година, бројот на иселени од Охрид е зголемен за 502, додека пак во споредба со 2007 забележано е зголемување од 849 иселени.
Интересен е податокот што после Скопје, кој води со бројка од 1845, Охрид се наоѓа на првото место и според бројот на доселени лица. Значи според статистичките показатели, лани, жители на Охрид станале 447 лица од кои 356 се доселиле од друга општина.
Граѓаните на Охрид сметаат дека причина за иселувањето се недоволниот број на работни места односно условите за егзистенција кои моментално ги има во градот.
-Најчесто се иселуваат младите, еве на пример од мои блиски пријатели двата сина им заминаа во странство, едниот во Холандија, другиот во Германија. Исто така и моите деца планираат да одат надвор до Охрид, доколку најдат подобра работа и не ги запирам, слободно нека бараат подобар живот,вели една повозрасна охриѓанка.
Друг повозрасен граѓанин смета дека доколку во Охрид се отворат фабрики и доколку се инвестира во стопанството, младите нема да се иселуваат.
-Јас ги оправдувам младите, што си одат надвор до градот да бараат работа, зошто тука буквално се омаловажени, затоа што завршиле високо образование, а во Охрид нема каде да работат. На пример имам внука која има завршено магистратура, а замислете работи во бутик за плата од 8000 денари, што секако не е во ред, вели нашиот соговорник.
Тој потсетува на добрите времиња на охридското стопанство, кога ретки биле граѓаните кои се иселувале од Охрид.