Охрид го зазема третото место во Македонија по бројот на изградени станови во 2013 година. Според податоците кои ги објави Државниот завод за статистика во рамки на Публикацијата „Градежништвото во Република Македонија 2009-2013“, лани во Охрид биле изградени 443 станови со вкупна корисна површина од 31.891 метар квадратен.
Предност по бројот на изградени станови, пред нашиот најголем туристички центар има Тетово со бројка од 529 новоизградени станови и Скопје, каде што во текот на минатата година биле изградени вкупно 3.070 станови.
Повеќе од пет македонски региони
Бројот на изградени станови во Охрид е за 243 поголем од вкупниот број на изградени станови во целокупниот Вардарски регион, каде лани биле евидентирани 200 станови од нова градба. Исто така бројот на охридските станови е поголем и од бројот на нови станови од целокупниот Пелагониски регион каде се евидентирани 313 станови, а го надминува и целиот Североисточен регион, каде лани се изградиле вкупно 363 станови. Станбената бројка од Охрид е поголема и од бројката на целокупниот Југоисточен регион каде лани биле запишани вкупно 377 новоизградени станови, како и од бројката на целиот Источен регион каде биле изградени 390 станови.
Добрите познавачи на пазарот со недвижности коментираат дека овие бројки се очекувани бидејќи Охрид е еден од градовите каде има солидна циркулација во купопродажбата на недвижности и е атрактивно место за вложување.
-Од година во година во Охрид расте бројот на станови кои се нова градба, бидејќи инвеститорите гледаат голем профит во продажбата на станови, бидејќи добиваат многу повеќе средства од тоа што вложуваат. Исто така во последно време карактеритични се и градбите кои никнуваат на приватни земјишта кои се земени на компензација. Во овие случаи сопственикот го отстапува земјштето за градба, во замена за станови или локали, кои ќе бидат изградени на истото место, вели вработен во една охридска градежна компанија.
Има и станови со осум соби
Статистичката евиденција покажува дека најголем број од изградените станови во Охрид или 267 биле двособни станови. Втори по бројност се трособните станови со бројка од 82 стана, а трети се четворособните станови со бројка од 45 станови. Исто така инвеститорите на охридската ривиера лани изградиле и 25 еднособни станови, 15 петособни, 3 шестособни, 1 седмособен и 5 осмособни станови.
-На пазарот во Охрид најбарани се становите со помала квадратура, па затоа и најчесто се прават вакви станови. Големите станови многу потешко се продаваат, велат охридските агенти со недвижности.
Освен со бројот на станови, Охрид руши рекорди и со вкупниот број на извршени градежни работи. Статистичките покзатели говорат дека лани во рамки на охридското градежништво биле извршени вкупно 1.259.124 градежни работи од кои 1.050.683 биле извршени на стамбени згради. На нестамбени згради, инвеститорите реализирале вкупно 84.229 градежни работи, а за реконструкции, санации и адаптации биле изведени 55.281 градежна активност.
Во категоријата на градежни работи кои биле извршени на стамбени објекти, поголеми бројки од Охрид, бележи само Гостивар со 1.053.270 извршени градежни активности и Скопје, каде што градежните работници реализирале вкупно 7.702.748 градежни активности.
Според податоците во истата публикација, може да се види дека цената на станбениот квадрат во Македонија континуирано паѓа во изминатите пет години, а лани се намалила во просек за 50 евра во споредба со 2012 година. Статистиката пресметала дека просечната цена на станбениот квадрат во земјава во 2009 година изнесувала 51.644 денари (839 евра), а лани таа се намалила на 46.825 денари (761 евро) или за 78 евра за квадрат.
Инаку пред околу 2 месеци OhridNews објави Тема поврзана со намалување на цената на станбениот квадрат во Охрид, за која како главна причина беше посочена големата понуда на станови.
Е.М