01.06.2013 – На грдските гробишта во Охрид денеска беше погребан Д-р Ментор Мурат, исклучителен рендгенолог, познат и признат стручњак меѓу своите колеги. Од име на установата во која го мина целиот свој работен век, се прости Д-р Љубен Арнаудов, директор на општата болница во Охрид. Тој ги пренесе зборовите на утеха од стручниот колегиум на Анестезија, реанимација и интензивно
лекување и од стручниот колегиум на Урологија и вработените при Општа болница Охрид.
„Сосема тивко како што живееше и работеше во 63-та година од животот почина Д-р Ментор Мурат, врвен рендгенолог еходијагностичар и носечки столб на Охридската радиологија.
Во својот работен век во Општата болница во Охрид прегледа, сними и дијагностицира огромен број на заболувања, а искуствата со голема љубов кон медицината, радиологијата и рендген дијагностиката ги презентираше на семинари во земјата и надвор од неа.
Иако со релативно скромна опрема, но со врвно познавање на рендгенологијата правеше исклучително сложени и тешки за реализирање рендгенолошки процедури и дијагнози. На неговото знаење можеа да позавидат и големите рендгенолошки центри.
Беше лекар специјалист, сопруг, татко и дедо, но пред се човек, господин доктор, секогаш смирен, воздржан. Кога ќе поставеше дијагноза беше сигурен и беспрекорен во својата работа. Градот Охрид, Општата болница-Охрид изгубија многу. Д-р Ментор Мурат даде премногу во медицината и во болницата. Дури и болен доаѓаше на работа, не одби никого и никогаш не рече уморен сум, иако дозите на зрачење беа високи. Ниту еднаш во својот работен век не задоцни на работа ниту си отиде пред време, живееше за медицината и тешко дека во наредниот период неговото место како рендгенолог некој ќе може да го пополни.
Беше колега за пример, интелектуалец во секој поглед, другар и пријател. Секогаш подготвен да помогне. Ја опслужуваше комплетната рендген дијагностика во Охрид и регионот сосема сам, со беспрекорна работа до последниот ден, кога во 15 часот ја испрати последната прочитана рендген снимка со педантно напишана дијагноза, беспрекорна снимка заверена со негов печат и потпис.
Почивај во мир драг пријателе.“
Во име на пријателите од Д-р Ментор Мурат се прости Александар Петрески, поранешен градоначалник на Охрид:
„Почитувано семејство на починатиот Д-р Ментор Мурат , почитувани роднини , другари и пријатели. Нека му е лесна земјата и вечна славата на нашиот Ментор .
Се простуваме од еден голем човекољубец , домаќин ,врвен доктор , голем пријател и човек за кого вечно ќе не врзуваат убави спомени.Ние , а особено оние кои од деството биле заедно , ќе го паметиме како весел и дружељубив човек , со исклучителна дарба околу себе да шири позитивна енергија.
Со таа позитивна енергија и смиреност , чекореше низ животот , од најраната младост , преку основното и средното образованието и стекнувањето на лекарската диплома и специјализацијата по радиологија. Пациентите , посебно оние кои доаѓаа во одделението за радиологија во Општата болница во Охрид , ќе го паметат не само како врвен лекар , туку и како човек , кој имаше трпеливост и убав човечки збор , на едноставен начин да им ја објасни нивната здраствена состојба .
Со Д-р Ментор Мурат се знаевме од порано , а нашето пријателство се интензивира пред и за време на мојот осумгодишен градоначалнички мандат, па се до веста дека го нема повеќе меѓу нас . Ќе го паметам како смирен и мудар човек , кој секогаш беше расположен за разговор , а јас подготвен да ги сосолушам неговите совети. Совети, кои се темелеа на цврсти аргументи и големо животно искуство.
Имаше време за сите . За семејството , за тешките обврски во лекарската професија , за пријателите но и за обичните луѓе кои го застануваа на улица но , и ако не ги познаваше лично , ќе поразговараше и човечки ќе им објаснеше да дојдат на преглед кај него или кај некој од неговите колеги.
Чест беше да седнеш со Д-р Ментор на кафе муабет. Со смирен тон , но со голем шарм и видлив интелектуален капацитет и животно искуство , знаеше да поразговара за сериозни теми , но и да раскаже некоја анегдота од младоста или некоја актуелна чаршиска приказна. Тоа го правеше спонтано и уверливо , па затоа , не случајно, често се потсетуваше на времето на раните седумдесети години кога важеше и остана како една од легендите на најубавите младешки периоди на нашиот Охрид.
Се простуваме со еден голем човек , околу кого постојано кружеше убавото , добрата мисла , а особено музиката која постојано беше дел од него. Музиката, како вечен симбол на трајноста на убавото и натаму ќе го исполнува неговиот дом и таа посојано ќе биде мостот за сеќавање и почит кон Д-р. Ментор Мурат .
Драг пријателе – ПОЧИВАЈ ВО МИР И НЕКА ТИ Е ВЕЧНА СЛАВАТА“