Во негова чест во центарот за култура се одржа Комеморативна седница на која од Стефаноски се простија партиските другари, колегите лекари и пратеници и граѓани на Охрид.
– Останавме без човекот кој ги бранеше интересите на Охрид до последен момент. Изгубивме човек кој беше врвен интелектуалец, а ВМРО ДОМНЕ изгуби еден од најдобрите кадри.-истакна во прошталното обраќање претседателот на ОК ВМРО ДПМНЕ- Охрид, Атанско Михаилов.
Од името на Здружението на лекари на град Охрид, организација со која своевремено раководеше Д-р Владо Стефаноски, се прости неговиот колега, Д-р Илија Прангоски. „Со смртта на Владо Стефаноски градот изгуби скапоцена и ретка вредност, личност со големи познавања и интелектуални способности“, рече, Д-р Прангоски.
Проштална реч во името на колегите од Здравствен дом Охрид, одржа Д-р Митко Дабески, кој ја посочи посветеноста на Д-р Владо Стефаноски за подобрување на условите во охридските здравствени установи.
На комеморацијата од име на Собранието на Република Македонија се обрати потпретседателката на парламентот, Светлана Јакимоска, која се осврна на придонесот на Д-р Владо Стефаноски како народен пратеник.
–Д-р Владо Стефаноски беше посветен професионалец и политичар. Беше член на неколку работни тела и посветено ги извршуваше обврските во Собранието на Република Македонија. Во 2009 година Владо Стефаноски беше најактивниот пратеник на ВМРО ДПМНЕ со поднесени 166 амандмани. Елоквентен и амбициозен, тој беше претставник на една нова генерација политичари и секогаш беше отворен пред граѓаните и медиумите, истакна Јакимоска.
Во чест на Д-р Владо Стефаноски беше отворена спомен книга во која се потпишаа неговите блиски соработници, колеги и граѓани.