Охриѓани денеска на градскиот плоштад палеа свеќи за жртвите во безумните оружени напади што се случија во училиште во Белград и села во близина на Младеновац, Република Србија, во кои смртно настрадаа 17 лица, најголем број млади, а десеттици се повредени. Во црквата Св. Богородица Перивлепта, пак, се одржа панихида за убиените во незапамтеното злосторство на овие простори.

Плоштадот на Охрид денеска

Настанот го организира почесниот Конзулат на Р. Србија во Македонија со седиште во Охрид, а присуствуваа претставници на српската заедница и граѓани на Охрид.

Искажуваме длабоко сочувство до семејствата на настраданите. Нашите мисли во овие моменти се со нив. Сакаме да испратиме силна порака до братскиот народ во Србија, дека не е сам и дека граѓаните на Македонија, без разлика на етничка и верска припадност, се со нив во овие тешки моменти. – вели во изјава за Охридњуз Мишо Филев, почесен конзул на Р. Србија во Охрид.

Почесниот конзул на Р. Србија во Охрид, Мишо Филев

Граѓаните на Охрид силно ги вознемирија лошите вести од соседството, кои одекнаа во целиот регион.

Ова е голема трагедија која не може да се опише со зборови. Како се случи ова, зошто? Многу прашања лебдат во воздух на кој немаме одговори. Но, очигледно е дека нешто не е како што треба во нашите општества. Овие немили настани се опомена за сите, за државите, политичарите, но и за граѓаните, дека сме на погрешен пат, штом толкаво зло вирее помеѓу нас, а не го забележуваме. Живееме во општество со изместени вредности во кое ненормалното стана нормално, а нормалното ненормално. Ни треба ресетирање, индивидуално и колективно освестување, во спротивно не ќе можеме многу да промениме, вели еден наш сограѓанин.

Во соседна Србија прогласена е тридневна жалост поради крвавите настани во Белград и околината на Младеновац, додека регионот се солидаризира со семејствата на жртвите.

Г.М.