Нова сезона, стaри проблеми. Лоша сообраќајна инфраструктура, тесни грла и проблем со паркинг, се сериозни недостатоци на најголемиот туристички центар во земјата. И покрај најавите во изминатите години градот се уште нема изготвено сообраќајна студија за Охрид, која според експертите е неопходна за идниот туристички развој на општината.

-Потребна е сообраќајна студија со која ќе се ослободиме од сезонскиот карактер на решенијата и ќе се потпреме на науката. Пред се тука мислам на безбедноста на најчувствителните категории на учесници во сообраќајот, пешаците и велосипедистите, особено во врвните сезонски оптоварувања.-изјави Томислав Тунтев, доктор по сообраќајни науки.

И покрај тоа што изминативе години Охрид забрзано се урбанизира и се изградија голем број колективни станбени згради без соодветни сообраќајни решенија и паркинг, простор за подобрување на сообраќајната инфраструктура според Тунтев постои.

-Секој недостаток се решава со алтернатива, со снимање на состојбите. Имајќи ги предвид основните параметри на сообраќајните текови, особено во шпицот на сезонта кога сообраќајното оптоварување е најголемо, може да се изнајде соодветно решение, додава Тунтев.

Сообраќајната инфраструктура го движи општеството напред вели Тунтев, според кого, неопходно е да се изнајде соодветно решение за сообраќајниот режим во центрот на грдот пред почетокот на туристичката сезона, бидејќи со отстрнувње на рампите постои потенцијална опасност да се создадесообраќаен хаос.

– Интенција на сите туристи е со возило да стигнат во центарот на градот каде се лоцирани угостителските објекти, укажува Тунтев, посочувајќи дека во стариот дел на градот деновиве се чувствува недостиг на соодветни сообраќајни мерки.

Во очекување да биде изготвена сообраќајната студиј која треба да понуди стратешки решенија за подолг период, алтернатива и ова лето ќе биде сезонскиот режим на сообраќај што го носи Советот, кој треба да го ублажи сообраќајниот метеж кој вообичаено владее во градот во шпицот на туристичката сезона.

OhridNews