Охрид во екот на туристичката сезона се соочува со низа проблеми кои се воочливи не само за граѓаните, туку и за странските туристи кои престојуваат на ривиерата. Меѓу недостатоците кои повеќето ги посочуваат се непостоењето на соодветен туристички информативен центар, искршените патокази и нефункционалните дигитални инфо-пултови.

Кога доаѓаме во некое туристичко место очекуваме на секој ќош да биде поставен информативен пулт, со кој ќе ни се олесни престојот, но и движењето во градот. Недозволиво е еден ваков бисер како Охрид да биде на некој начин хендикепиран и тоа во летниот период.Информациите за знаменитостите, смештајот и угостителските објекти ги добиваме од локалното население или пак преку интернет.“ – вели српска туристка, кој во наредните неколку недели ќе престојува во Охрид.


Дел од странските гости посочуваат дека дигиталните инфо-пултови воопшто не работат, а други се запрепастени од несовесните граѓани, кои често ги оштетуваат патоказите во централното градско подрачје.

Дигиталните инфо-пултови не се функционални, а информации ни даваат рецепционерите каде што сме сместени. Иако охриѓани се гостопримливи и љубезни, запрепастени сме од односот на поединци, кои пред наши очи ги кршат патоказите во вечерните часови. На одделни места во стариот дел на градот, знаците се оштетени со што отежнато е движењето кон определени места кои се атракција во Охрид.“ – вели холандски турист.


Поголемиот дел од туристичките работници, но и охриѓани воопшто, со слично размислување, потенцирајќи дека овој проблем во градот се провлекува со години наназад.

Охрид секогаш го имал истиот проблем, а од време на време се пројавува желба и волја истиот да се реши. Но по се изгледа, летото ќе помине, а на крај сите ќе се прашуваат зошто и оваа туристичка сезона е неуспешна. Мора да се пресече веќе еднаш, дали воопшто сакаме туристички град?“ – прашува наш сограѓанин.


Пред точно еден месец, од локалната самоуправа информираа дека неискористениот Туристичкиот Инфо центар поставен на влезот во Охрид, ќе биде дислоциран, а во тек се законските процедури за добивање локација во централното градско подрачје каде ќе биде поставен.

Се покажа дека неговата функција на влезот во градот беше речиси никаква,  ретко кој гостин застануваше таму за да добие некаква информација поврзана со неговиот престој во градот. Охрид не е толку голем град, за да има потреба од инфо центар на таа локација. Најголемата фреквенција на туристи е во центарот на градот и затоа се одлучивме таму да го дислоцираме.“ – изјави претходно раководителот на ТЛЕР, Ѓоко Апостолов.


Исто така, најавено беше дека во најскоро време ќе бидат повторно ставени во функција и дигиталните информативни пултови, за кои се вели дека ќе бидат со зголемен опсег на информации и ќе ги има на повеќе локации во градот.

За сега, единственото место каде гостите можат да добијат соодветни информации, по се изгледа е туристчко-информативниот центар на ТА „Вис пој“ во централното градско подрачје.

O.T.