Акциониот план за управување со бучавата во Охрид, ќе се спроведува во наредните 5 години.
Според стручната анализа што ја изврши Друштвото за еколошки консалтинг од Скопје, проблемот со бучавата во Охрид особено е изразен во текот на летниот период. Осумдесет отсто од поплаките на граѓаните се однесуваат на бучава од угостителските објекти, кои според спроведените периодични мерења речиси без исклучок и неколку кратно го надминуваат дозволеното ниво од 55 децибели. Во помал обем поплаките се однесуваат на индустриски капацитети и сообраќајот. Најизразен, проблемот со бучавоста е во стариот град, плоштадот и на булеварот „Туристичка“.
Според стручната анализа високото ниво на бучава во Охрид се должи на непочитување на Законот за заштита од бучава од страна на угостителите, ниската свест на посетителите и локалното население, несоодветна звучна изолација, непочитување на еколошките стандарди од страна на индустриските капацитети, застарениот возен парк и.т.н.
За надминување на проблемот со бучавaта, Акциониот план предвидува повеќе мерки, како редефинирање на работното време на угостителските објекти, регулирање на работното време на плажите, пренамена на дејноста на дел од угостителските објекти во стариот дел на градот или нивна дислокација, заострување на критериумите за пренамена на станбен во деловен простор, изградба на патна инфраструктура и санација на регионалниот пат Охрид –Св. Наум, изградба на катна гаража, пешачки и велосипедски патеки, како и засилен инспекторски надзор. Покрај ова на повеќе пунктови ќе бидат поставени мерачи кои ќе го покажуваат нивото на штетна бучава.