Охридските ракометари забележаа нова победа во Супер лигата, откако на домашен терен со 31-27 (15-17) го совладаа тимот на Радовиш во 4-та рунда од шампионатот.

„Гладијаторите“ можат да се сеќаваат и да ги бројат само бодовите од мечот со Радовиш, бидејќи одиграа далеку под своите можности во првите триесет минути. Во вториот дел, домашните ракометари го покажаа вистинското лице и ги наместија коцките за победа, втора сезонава во суперлигашкото друштво.

Охриѓани водство во првиот дел имаа само на почетотокот 2-0 и 3-1, а потоа Радовиш со 4-1 серија го презеде водството 5-4. Од тогаш до финишот на првиот дел гостинските ракометари го контролираа резултатот и на одмор заминаа со плус два (7-15), благодарение на „гладијаторите“ кои играа анемично и незаинтересирано.

Во второто полувреме сликата на теренот комплетно се промени, што веднаш донесе и резултат на семафорот. Домаќините со 6-0 серија ја надополнија негативата од првиот дел и стигнаа до најголемата предност во текот на мечот (21-18).

Но, веднаш потоа следуваше ново опуштање и враќање во игра на гостите кои со 4-1 дојдоа до егал 22-22. Охриѓани овој пат брзо се „разбудија“ и не дозволија да се повтори несаканата ситуација од првото полувреме.

Квалитетот, „гладијаторите“ го потврдија во следните напади после кои резултатски се одлепија и ги обезбедија бодовите со конечна победа 31-27.

Следното коло во Супер лигата охриѓани ќе паузираат поради двомечот со Порто во квалификациите за пласман во Купот на ЕХФ.

РК Охрид: Стојаноски 3 одбрани, Трајкоски 10 одбрани, К. Андоноски 1, Ивановски, Младеновски 7, Блажески 7, Костов, Ристески, Бирдахиќ, Спасовски 1, Тасески 3, Д. Андоноски, Адамовиќ 5, Кежиќ 2, Димитријевски 3, Кљајиќ 1.

РК Радовиш: Паунов 12 одбрани, Спасов, Арсов, Пешовски 1, Долдуров, Глигоров, Ѓоргиев 1, Постолов, Фенов 1, Соколов 10, Симиќ 3, Ристов, Јованов, Мајиќ 11, Спасов.

Мх.П.