Осигурувањето на одржливиот развој е основа за развој на туризмот се вели во Стратегијата за развој на туризмот на Општина Охрид за периодот 2020-2025. Оваа констатација не смее да остане само декларативна заложба и затоа од текстот на Стратегијата мора да се елиминираат сите остатоци од концептот масовен туризам кој е најголем непријател на УНЕСКО статусот на Регионот и е најголем непријател на правото на достоинствен живот и работа на локалното население, велат од Охрид СОС и Здружението „Е.Д.Е.Н“.

Нашиот предлог е напорите да се насочат кон неколку приоритетни стожерни процеси (особено клучните приоритети од препораките на Реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО), да се вложат сите напори во нивна доследна реализација, а потоа да се премине во следна фаза на посложено планирање, велат.

Реактивната мониторинг мисија (РММ) на УНЕСКО уште во 2017 г. констатираше дека Охридскиот Регион е под значителен притисок од туризмот кој е комерцијален и масовен што очигледно е клучната визија за „развој“ и силно ѝ препорача на Македонија преориентирање кон типови на туризам со кои истовремено се штитат вредностите на Регионот (како што е набљудување птици, планинарење, планински велосипедизам), додаваат.

Во рамките на Третиот национален извештај кон Рамковната конвенција за климатски промени на ОН се даваат јасни препораки за намалување на емисијата на јаглерод и тоа со „План за туризам од XXI век наместо за масовен туризам од XX век“. Тоа значи дека во Стратегијата за развој на туризмот во Општина Охрид нема место ни за лов ни за риболов ни за сточарство ни за субвенционирање на туроператори за превоз на патници ни за поддршка на нискобуџетни и чартер летови, истакнуваат.

Промоцијата на лов во стратегијата за туризам може да се оцени само како комплетно неразбирање на природните процеси, додека стимулирањето на сточарство во време на климатска криза во земја која има совршени услови за производство на висококвалитетни овошја, зеленчуци, житарки, мешунки итн. е крајно неоправдано и неосновано, велат од Охрид СОС и Е.Д.Е.Н додвавајќи дека да се предвидат 12 милиони денари за субвенционирање туроператори за евтини летови кои претставуваат чиста контрадикција на концептот на одржлив туризам е повеќе од неумесно. Посочените активности, велат, побаравме да се елиминираат бидејќи се контрадикторни на начелата на одржлив туризам.

Охридскиот Регион е подрачје во кое мора да се развива туризам со уникатна понуда и профит за локалното население и зголемување на неговиот стандард, наместо одлевање на финансиите кај странски корпорации и мала група локални моќници. Стратегијата мора да се темели исклучиво на развивање локални зелени бизниси, вклучување на заедницата во туристичката понуда, како што се активностите предвидени за инвестирање во руралните средини, но многу внимателно за да се задржи неопходниот баланс меѓу заштитата на природата и економските активности бидејќи тоа е дефиницијата за одржлив туризам, потенцираат.

Во Стратегијата на неколку места суптилно провејува идејата за марина во Студенчишко Блато која мора да се елиминира еднаш засекогаш од сите планови за Регионот, додаваат од Охрид СОС и Е.Д.Е.Н.

OhridNews