На денешната седница Советот на Општина Охрид треба да одлучува за легализација на дивоградби, од кои некои во непосредна близина на Охридско Езеро и во Националниот парк Галичица. Тоа значи дека, советот ќе легализира објекти спротивно на одлуката која самиот ја донел пред еден месец, велат од Охрид СОС.
Имено, член 5 од одлуката на Советот од 29.12.2021 г. вели: „Постапките за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти времено се прекинуваат во крајбрежниот појас на Охридското езеро дефиниран со Планот за управување со Светското природно и културно наследство на Охридскиот регион со Акциски план (2020-2029) и во рамките на Студенчишко блато – согласно ГУП на Охрид, УЗ 17 УБ 17.1 (строго заштитена зона-Студенчишта).“ (Сл. Гласник 17/2021). Во крајбрежниот појас од 50 метри, којшто е назначен во Планот за управување до донесувањето на Урбанистичкиот план за крајбрежје, секако не дозволува ниту изградба, најмалку легализација. Истиот појас е заштитен и со Закон за водите. Така што одлуката на Советот, доколку се земат само 50-те метри е бесмислена и не значи ништо за заштита на вредностите на регионот, велат од Охрид СОС.
Членовите на Советот мора да се запознаени со статусот на крајбрежјето, а тоа е дека за крајбрежјето во подготовка е Урбанистички план за крајбрежје со кој ќе се утврдат границите на крајбрежниот појас и согласно тоа, условите за планирање. Дотогаш, било какви постапки во насока на поголема урбанизација во најосетливите предели околу Езерото, може да се сметаат само за спротивни на Планот за управување. Уште поважно, ваквата легализација е спротивна на препораките на УНЕСКО, при што за нелегалните градби треба да се изработи Оцена за влијанието врз животната средина и Оцена за влијанието врз културното наследство и согласно тоа, да се одлучува дали објектот може да се легализира или не, додаваат од Охрид СОС.
Затоа, го повикуваме градоначалникот Пецаков, како и членовите на Советот, точките на дневен ред кои се однесуваат на легализација на бесправно изградени објекти, особено во близина на Езерото, во националниот парк и во сега неурбанизирани подрачја, да се симнат од дневен ред, а процесите да се водат во насока на заштита, велат од Охрид СОС.
На вчерашната одржана седница на Комисија за урбанизам со 33 точки на дневен ред, Предлог одлука за утврдување потреба од донесување урбанистичко- планска документација со цел вклопување на бесправно изградени објекти, од страна на советничка од Левица, Виолета Аврамоска било предочено дека пет точки на дневниот ред се спорни, од кои четири во КО Охрид и една во КО Трпејца, велат од Левица.
Бидејќи на седницата на комисијата немаше графички приказ на наведените спорни точки, нашата советничка гласаше против истите и на Седницата на совет ќе побара да бидат повлечени од дневен ред. Доколку спорните точки за легализација на бесправно изградени објекти не бидат повлечени од дневен ред, нашата советничка ќе гласа против, додаваат од Левица.
OhridNews












