Од граѓанската иницијатива Охрид СОС, денес, со ново соопштение во кое велат дека една од клучните препораки на УНЕСКО–прогласување на мораториум на сите градежни модификации на крајбрежјето и урбаното подрачје во рамките на Светското наследство, сè додека не се изработат сите релевантни плански документи, не е испочитувана.

– Може да се забележи дека се продолжува со градењето и издавањето одобренија за градење на крајбрежјето, а легализацијата на бесправно изградени објекти се практикува во континуитет со што урбанизацијата во регионот слободно може да се констатира дека се одвива неплански. Индикативно е натамошното издавање одобренија за градење и градењето врз основа на т.н. Општ акт за село Лагадин, врз основа на кој беше издадено и одобрението за градба на спорниот хотел во Лагадин. Крајно неразбирливо е како наместо со урбанистички план уредувањето на градењето на вака значаен дел од крајбрежјето се регулира со Општ акт, кој претставува уредба со која се даваат насоки за градење во села и подрачја за кои нема и никогаш не бил изработен урбанистички план (се носи, како на пример, за селата во охридско – Сирула, Плаќе, Опеница, Куратица), но не и да се носи за Лагадин бидејќи за Лагадин постоел и постои урбанистички план, велат од Охрид СОС.

Градоначалникот Јован Стојаноски вели дека мораториум за градење нема.

– Има само препораки од УНЕСКО кои влегоја и во мерките на Владата да се донесат урбанистичките планови за 19 региони во старото градско јадро, а тоа не значи дека нема да има одобренија за градба за оние кои се според актуелните урбанистички планови и оние кои одговараат на амбиентот на Охрид, вели градоначалникот.

Во однос на спорниот хотел во Лагадин, Стојаноски повторува дека од страна на локалната самоуправа е донесена одлука со која се поништува одобрението за градба.

– Постапката оди на второстепена комисија во министерство за транспорт и врски. Ако и тие одлучат исто како и нас, тогаш останува на инвеститорот да поведе управен спор. Хотелот не се гради, не може да се гради затоа што е одземено одобрението за градење, изјави градоначалникот Стојаноски.

Наспроти тврдењето на градоначалникот од Орид СОС тврдат дека градежните активности на објектот се одвиваат и во моментов.

OhridNews