На седумнаесеттата седница на Советот на Општина Охрид закажана за утре на дневен ред, повторно на мала врата, се внесени неколку точки за утврдување потреба од донесување урбанистичко – планска документација со цел вклопување на бесправно изграден објект, а повеќето од локациите се на брегот на Охридското Езеро или во рамките на НП Галичица (КО Љубаништа, КО Пештани, КО Охрид 4 и КО Велестово), реагираат од Охрид СОС.

Веќе подолг период и од Националниот парк постојано алармираат за нелегалните градби во неговите граници. Од Општината забораваат дека не може да се легализира во подрачјето опфатено со Урбанистички план за крајбрежје, според обврските преземени во Планот за управување со природното и културно наследство на Охридскиот Регион, бидејќи тој документ сè уште не е донесен, е во завршна фаза. А за селата во тек е изработка на урбанистички планови согласно принципите за заштита на исклучителната универзална вредност на подрачјето. На ваков начин се создава уште поголем урбанистички хаос кој всушност властите се обврзани да го зауздаат согласно препораките на UNESCO. Преку вметнување на овие бесправно изградени објекти во овој момент и на ваков начин, се врши непочитување на преземените обврски. Бараме да се повлечат сите точки за утврдување потреба од донесување урбанистичко – планска документација со цел вклопување на бесправно изграден објект, а кои се однесуваат на локации на крајбрежјето на Охридското Езеро или во границите на Национален парк „Галичица“, сè додека не се донесат сите урбанистички планови и други акти во согласност со препораките на УНЕСКО, додаваат од Охрид СОС.

Во однос на дадените предмети за легализација на закажаната седумнаесетата седница на Општина Охрид како и претходно поминатите предмети на Совет е постапувано и ќе се постапува во согласно законската регулатива и препораките на УНЕСКО и донесената одлука број 08-13561/39 од 29.12.2021 година донесена од страна на Совет на Општина Охрид.  Во член 5 е предвидено -Постапките за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти времено се прекинуваат во крајбрежниот појас на Охридското Езеро дефиниран со Планот за управување со Светско и културно наследство на Охридскиот регион со Акциски план (2020-2029), велат од Општина Охрид.

Предметите кои се доставени на закажаната седумнаесетата седница на Општина Охрид како и претходните кои ги имаме поминато и донесено одлука се со прибавени позитивни мислења од надлежните институции, во конкретниов случај од НП Галичица и МЖСПП и не се во заштитен појас на крајбрежниот појас на Охридското Езеро дефиниран со Планот за управување со Светско и културно наследство на Охридскиот регион со Акциски план (2020-2029), потенцираат од Општина Охрид.

Инаку, на утрешната седница на дневен ред се петнаесет точки за носење на урбанистичко-планска документација, а седницата е закажан во 9 часот.

Н.С.Ј.